Пазарите издивнаа со олеснување откако неделава Иран и САД се договорија за двонеделно примирје по шестнеделен конфликт. Сепак, примирјето е кревко, а да не забораваме дека му претходеше и закана од Трамп за уништување на „цела една цивилизација“.
Едно од клучните прашања со кои американскиот претседател го услови примирјето е целосното отворање на Ормускиот Теснец, нешто што е во центарот на вниманието на глобалните пазари, но и понатаму не е реализирано.
Дополнителна неизвесност внесе и изјавата на новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хаменеи, дека земјата ќе го „подигне управувањето“ со теснецот на ново ниво и ќе инсистира на воени репарации, барање што речиси сигурно ќе остане пречка во дијалогот.
Во тензична атмосфера се исчекува исходот од преговорите кои треба да започнат викендов во престолнината на Пакистан, Исламабад. Америкаскиот потпретседател Џеј Ди Венс ќе ја предводи американската делегација, во која ќе бидат и специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, а првата рунда разговори треба да се одржи в сабота.
Прочитајте повеќе:
ММФ: Нафтениот шок го тестира светот со ограничен фискален простор
ЕУ: Ризикот од стагфлација останува и покрај прекинот на огнот во Иран
Геополитичките тензии се прелеваат и во поширокиот економски контекст, вклучително и во Македонија.
Инфлацијата во март забрза на 4,9 проценти, при што растот на трошоците на животот сè уште не ги одразува целосно ефектите од нафтените шокови. Со оглед на високата зависност од увоз на енергенти и фактот дека дизелот доминира кај возниот парк, секое поскапување на транспортот брзо се пренесува врз цените на производите. Ризикот е јасен - доколку конфликтот се пролонгира, инфлаторните притисоци би можеле дополнително да се засилат.
Од друга страна, домашниот пазар на недвижности продолжува да расте, иако со забавено темпо. Цените на становите во Скопје во првиот квартал од годинава се зголемиле за 16,7 проценти на годишна основа, а за само 0,1 процент во однос на претходното тримесечје. Станува збор за забавување на годишниот раст на цените на становите ако се земе предвид дека во последниот квартал од 2025 година тој изнесуваше 25 проценти.
И покрај тоа, Македонија останува меѓу европските земји со највисок раст на цените на становите во последните години, што укажува на силна побарувачка и континуирана активност во градежниот сектор.
Прочитајте повеќе:
Македонија пред искушенија: Инфлацијата забрза, а нафтениот шок може допрва да ја зголемува
Суровините поскапуваат, растат трошоците на македонската индустрија
На глобално ниво, вниманието го привлекуваат и потенцијалните технолошки и пазарни пресврти. Најавите за можни масивни иницијални јавни понуди, вклучително и за „Спејс екс“ (SpaceX), сигнализираат дека инвеститорите и натаму бараат нови двигатели на раст. Во исто време, идејата за воведување реклами во четбот-платформите отвора нови прашања за идниот однос меѓу технологијата и корисниците, особено во момент кога овие алатки стануваат дел од секојдневното носење одлуки.
Во сенка на сите овие економски и политички турбуленции, вселенската мисија „Артемис 2“ потсети дека со сите проблеми и превирања, Земјата е само една точка во бесконечното пространство на универзумот.
Прочитајте повеќе:
Како инвеститорите тргуваат со образецот TACO на Трамп?
Ротација кон дефанзивен сектор?
И покрај некои неочекувани предизвици со тоалетот во вселенската капсула „Орион“, астронаутите успеаја да ја обиколат Месечината, да постават рекорд во должината на вселенските летови и да го вратат човештвото најблиску до лунарната површина по повеќе од половина век.
Љубителите на астрономијата со нетрпение го очекуваат нивното слетување во водите на Тихиот Океан, крај брегот на Сан Диего, а и сите необјавени фотографии и приказни кои имаат да ги раскажат за далечната страна на Месечината.
Контрастот меѓу глобалните тензии и ваквите научни достигнувања ја заокружува неделата во која неизвесноста останува главниот двигател и на политиката и на пазарите.