text size
Европската централна банка (ЕЦБ) остави отворена можност за ново зголемување на каматните стапки во септември, откако на последната седница одлучи да не преземе итна акција и ја задржа депозитната каматна стапка на 2,25 проценти.
Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, по состанокот во Франкфурт изјави дека дел од членовите размислувале дали банката треба веднаш да реагира со зголемување на каматите, но на крајот било одлучено внимателно да се следат новите економски податоци во следните недели.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Ќе има ли недостиг на дизел во земјава?
Нафтата скокна на стотина долари за барел во четвртокот, продолжувајќи го растот во јули и за над 30 отсто, бидејќи САД и Иран ја намалија веројатноста за разговори, а нарушувањата во глобалните залихи и понатаму се зголемуваат.
Она што загрижува уште повеќе е, што според анализата на „Морган Стенли“, низ Европа се зголемува напнатоста околу дизелот, бидејќи се совпаѓаат истовремено повеќе предизвици во снабдувањето, што предизвика рекордни маржи кај европските рафинерии и намалување на залихите.
Во Македонија, дизелот поскапи за 16,8 отсто за еден месец, а во ЕУ поскапувањата само во последниве две недели се движат во рангот од 7-10 отсто, според податоците на Меѓународната организација за патен транспорт – МОПТ (IRU), со просечна цена од 1,93 евра за литар.
Тешко на сите ако САД и Иран не ги закопаат секирите
Земјите од регионот се соочуваат со нов ризик од забрзување на инфлацијата откако САД и Иран ги интензивираа воените дејствија што предизвика повторен раст на цената на нафтата. Тоа е уште еден удар врз обидите на монетарните власти во земјава и во Европа да ја зауздаат инфлацијата до посакуваната граница од два процента, иако тоа им оди тешко уште од почетокот на војната во Украина.
Во изминативе години сведоци сме на континуирано зголемување на трошоците на животот односно поскапувањата на основните прехранбени производи. Нашата анализа покажа дека висината на поскапувањата се разликува во зависност од градовите и регионите, но и дека ако не дојде до мировен договор на Блискиот Исток на есен нè очекува нов силен инфлаторен удар.
Податоците на Државниот завод за статистика откриваат раст на цените на повеќе основни прехранбени производи во изминатава година. Некои производи како чоколадото, кафето, дел од месните производи и некои зеленчуци веќе слободно може да се сметаат за луксузни стоки.
Повторно се враќа основниот макроекономски проблем
Инфлацијата е на работ повторно да се разгори. Тоа не е добра вест, но за пазарите уште позагрижувачки е што и нестабилноста на инфлацијата повторно нагло расте.
Тоа е крајниот макроекономски ризик, бидејќи сè - од цените на стоките, каматните стапки за задолжување, политиката на американските Федерални резерви (Фед), па до паричните текови на компаниите - станува понеизвесно кога самата куповна моќ на парите станува нестабилна.
Самата повисока инфлација е штетна за перформансите на ризичните инвестиции. Но зголемувањето на променливоста на податоците за индексот на потрошувачки цени (CPI), што го покажа и минатомесечниот резултат кој беше понизок од очекувањата, овозможува да опстанат спротивставени толкувања дека инфлацискиот период завршува. Тоа дополнително ја зголемува нестабилноста на пазарите и ги крева премиите за ризик.
Македонија на 60. место според индексот за инвестициски ризик
Македонија се најде на 60. место меѓу 150 земји во светот рангирани според индексот за глобален инвестициски ризик и отпорност на „Хенли и партнерс“ (Henley & Partners) за 2026 година. Станува збор за пад од 11. места во однос претходното рангирање според кое нашата земја беше на 49.место.
Глобалниот индекс на инвестициски ризик и отпорност (GIRRI) ги рангира земјите со комбинирање на две основни димензии: структурна отпорност - долгорочните економски, институционални и еколошки предности на земјата - и суверен ризик, што ја одразува нејзината изложеност на политички, финансиски и надворешни шокови.
Од „Хенли и партнерс“ нагласуваат дека специјалното издание за 2026 година не е нов индекс, туку целен стрес-тест на постојната рамка.
На моделите на „Опен еј-ај“ им требаа неколку часа за жесток хакерски напад
Кога напредните модели за вештачка интелигенција (ВИ) на компанијата „Опен еј-ај“, минатата недела провалиле во внатрешните системи на стартапот за вештачка интелигенција „Хагинг Фејс“, им биле потребни само неколку часа за да изведат хакерски напад за кој на вешт човек би му требало значително повеќе време, изјавија извори запознаени со ситуацијата.
Вообичаено, дури и на талентиран хакер би му биле потребни две недели за да изведе ваков напад, тврдат изворите, кои побараа да останат анонимни за да можат да разговараат за детали што не се јавно достапни.
„Хагинг Фејс“ го откри инцидентот во четвртокот, наведувајќи дека претрпел хакерски напад за кој обвини надворешен автономен производ. Овој стартап, кој хостира модели на вештачка интелигенција и збирки на податоци, соопшти дека детектирал „рој од неколку десетици илјади автоматизирани дејства“ и дека на крајот употребил кинески модел за форензичка анализа на инцидентот, откако неговите барања за користење сопствени модели на вештачка интелигенција биле блокирани од заштитни механизми.