text size
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јули 2026 година изнесувала 48.499 денари, објави Државниот завод за статистика (ДЗС).
Во споредба со јули минатата година, просечната нето-плата е повисока за 7,1 отсто, се наведува во соопштението на ДЗС.
Годишниот раст, пред сè, се должи на зголемувањето на платите во секторот финансиски дејности и дејности на осигурување за 10,7 отсто. Во снабдувањето со вода, отстранувањето на отпадните води, управувањето со отпад и дејностите за санација на околината платите пораснале за 10,4 отсто, а во дејностите поврзани со недвижен имот за 9,6 отсто.
Во однос на претходниот месец, зголемување на просечната нето-плата е забележано во стручните, научните и техничките дејности за 4,3 отсто.
Во трговијата на големо и мало и поправката на моторни возила и мотоцикли платите се зголемиле за 3,2 отсто, а во градежништвото за 2,3 отсто.