text size
Акциите на „Антропик“ (Anthropic) на првиот ден се тргуваа по цена повисока од онаа при иницијалната јавна понуда (ИПО). Компанијата за развој на вештачка интелигенција (ВИ) собра вкупно 107,3 милијарди долари преку јавна понуда и приватно пласирање, со што го собори рекордот за најголема понуда на акции во историјата - рекорд што претходно го држеше „Спејс екс“ (SpaceX).
Во четвртокот, во 12:28 часот по локално време во Њујорк, акциите се вреднуваа на 100,17 долари, откако на почетокот на тргувањето достигнаа 111,50 долари. Цената при јавната понуда изнесуваше 83 долари. При цена од 100,17 долари, пазарната вредност на „Антропик“ изнесуваше приближно 1,8 билион долари, земајќи ги предвид и акциите што би можеле да бидат издадени врз основа на постоечките права. Ова ја сместува компанијата „Антропик“ меѓу десетте најголеми јавно тргувани компании во светот, со пазарна вредност споредлива со онаа на „Спејс екс“. На почетокот на тргувањето, таа дури накратко се доближи и до вредноста на „Амазон“.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Пресметавме колку ќе заработевте за пет години: Злато или индекси?
Златото имаше спектакуларен раст во 2025 година, кога порасна за околу 65 отсто, а и претходната 2024 година не беше лоша, со принос од над 25 отсто. Годинава, меѓутоа, не е баш во знакот на блескавиот метал. Откако го достигна својот историски рекорд од близу 5.600 долари за унца кон крајот на јануари 2026, односно порасна за речиси 30 отсто само за еден месец, златото се слизна до околу 3.800 долари на 18. ноември.
Сепак, нашата анализа покажа дека златото ги победува „конкурентските“ метали, но и најзначајните американски и европски индекси, кога станува збор за номиналниот принос во изминативе пет години. И среброто ги надминало Nasdaq 100 и S&P 500. Тоа е интересен резултат затоа што вообичаено акциите се сметаат за инвестиции со поголем потенцијал за долгорочно создавање богатство, додека златото се смета пред сè за средство за зачувување на вредноста. Но, пет години се релативно краток период за извлекување заклучоци за долгорочна супериорност на одредена класа средства.
Може ли Европа да ја намали зависноста од кинеските ретки метали?
Пазарите на метали во 2026 година сè повеќе ја одразуваат важноста на геополитичките односи, концентрацијата на производството и технолошкиот развој за глобалните синџири на снабдување.
Иако припаѓаат на истата група елементи и се карактеризираат со ограничена достапност, диспрозиумот, тербиумот, итриумот и скандиумот се соочуваат со различни пазарни предизвици.
Поради нивната реткост, кај диспрозиумот и тербиумот особено значајна е сигурноста на снабдувањето, додека кај итриумот и скандиумот клучно прашање е дали идното производство ќе може да ги следи промените во побарувачката. Овие разлики отвораат различни можности за инвестирање, но носат и ризици што ги надминуваат вообичаените односи меѓу понудата и побарувачката.
Како кинеската ВИ ги заобиколува ограничувањата од САД
САД и неколку сојузници, меѓу кои Јапонија, Австралија и Обединетото Кралство, се договорија да изготват заеднички листи на критични технологии и синџири на снабдување што ја поддржуваат вештачката интелигенција (ВИ) и бараат повисоко ниво на заштита за да се ограничи влијанието на Кина.
Иако Вашингтон ги консолидира своите технолошки редови во рамките на втората Студена војна меѓу САД и стратешкиот тандем Кина-Русија околу предноста во развојот на вештачката интелигенција и нејзината примена во роботизираното и автоматизираното производство, како суштина на новата индустриска револуција, сè повеќе примери од практиката покажуваат дека дури ни прецизно осмислените санкции и извозни ограничувања не се доволни за да го спречат одливот на технологии кон конкурентската страна.
Трамп ги уверува европските лидери дека Путин е подготвен за мир
Американскиот претседател Доналд Трамп даде триумфална оценка за својот разговор со Владимир Путин во изненадувачки телефонски повик до европските лидери собрани во Берлин, тврдејќи дека рускиот лидер сака да ја заврши војната.
Сепак, не сите беа убедени во тоа.
Трамп во четвртокот се вклучил телефонски во состанокот на повеќе од 30 светски лидери од претседателскиот авион, по заминувањето од Кина, каде што претходно во текот на денот се сретна со Путин на самитот на азиско-пацифичките лидери, според лица запознаени со ситуацијата. Европските лидери се состанаа во рамките на таканаречената „коалиција на подготвените“, која редовно се собира за да разговара за начините на заштита на повоена Украина од идната руска агресија.
Трамп ѝ кажал на групата дека неговата средба со Путин поминала добро, наведувајќи дека таа ќе помогне во унапредувањето на мирот во Украина, изјавиле лицата, кои побарале анонимност. Тој, исто така, ги истакнал финансиските и човечките трошоци за војната, додале упатените. Но, многумина во просторијата биле помалку оптимистични во однос на оценката на Трамп.
ГТА со години ја исмеваше Америка, а потоа стварноста стана полуда од играта
ГТА 6 излезе низ целиот свет на 19. ноември, а веќе се наѕира дека би можела да стане најголемиот хит во историјата на индустријата за видеоигри.
Успехот на франшизата, која некогаш предизвикуваше згрозеност во јавноста, судски тужби и истраги на американскиот Конгрес, говори и за тоа колку се промени општеството. Реалниот свет сè повеќе наликува на оној што ГТА некогаш го исмеваше, што покажува колку сме станале нечувствителни на содржините што порано нè шокираа. Со таа промена сега мора да се соочи и самата франшиза.
Границата меѓу фикцијата и реалноста во ГТА 6 веќе изгледа сè понејасна. Првиот трејлер како и самиот да го признава тоа, пресоздавајќи вистински вирални снимки и сцени забележани со камери што ги носат полицајците. Слушателите што се јавуваа во радиоемисиите во ГТА 5 и ширеа ставови против вакцинацијата во 2013 година беа замислени како шега на сметка на маргинални општествени групи, а денес нивните изјави звучат речиси како официјална државна политика. Културата на здрав живот и велнес во Лос Анџелес, која истата игра ја исмеваше, делува прилично безопасно во споредба со денешните инфлуенсери што споделуваат здравствени совети.