text size
„Антропик“ (Anthropic PBC) и нејзините седум коосновачи прибраа рекордни 107,3 милијарди долари преку зголемено ИПО и приватен пласман. Со тоа „Антропик“ стана првата лабораторија за најнапредна вештачка интелигенција што прибра средства на јавните пазари за развој на машини што размислуваат.
Компанијата за вештачка интелигенција продаде 956,4 милиони акции, а коосновачите продадоа 23,6 милиони акции по 83 долари за акција, над претходно понудениот ценовен опсег, според соопштението од средата со кое се потврди претходната објава на „Блумберг њуз“ (Bloomberg News). Компанијата првично понуди 801,4 милиони акции, а коосновачите понудија 23,6 милиони акции, по цена од 70 до 78 долари за акција.
На берзанското деби, вредноста на „Антропик“ е проценета на околу 1,5 билион долари, ако во пресметката се вклучат и акциите што би можеле да се издадат врз основа на постојните права, што означува пресвртница и за ВИ и за глобалните финансиски пазари, кои сѐ повеќе се поврзани со изгледите на оваа технологија. Инвеститорите, кои главно вложуваа во производители на чипови и други добавувачи на инфраструктура, почнаа да го прошируваат својот фокус и кон компаниите што развиваат платформи како „Клод“ (Claude), додека тие платформи стануваат составен дел од бизнисот, академската заедница, државните институции и здравството.
Прочитај повеќе
Пред ИПО-то на „Антропик“ Волстрит веќе ги подгрева шпекулациите
Уште пред „Антропик“ да излезе на берза, најмалку 14 берзански фондови овозможуваат вложувања поврзани со компанијата. За еден месец во нив се слеаја повеќе од осум милијарди долари.
пред 15 часа
Падот на Хуанг покажа дека и најголемите ВИ играчи не се недопирливи
По години големи ветувања, пазарна еуфорија и шпекулации, индустријата за вештачка интелигенција влегува во период во кој и најголемите компании ќе мора да преземат поголема одговорност за своето работење.
16.11.2026
„Антропик“ ќе стане најважната ВИ-акција во светот
Излегувањето на „Антропик“ на берза оваа недела ќе изврши притисок врз извршниот директор Дарио Амодеи да ја пополни празнината што ја остави Хуанг како водечки промотор на индустријата за ВИ.
16.11.2026
Кинеските инвеститори исклучени од ИПО-то на „Антропик“
Ограничувањето се однесува на институционалните инвеститори од континентална Кина и Хонг Конг, додека побарувачката за акции ја надминува понудата за приближно шест пати.
14.11.2026
Понудата вклучува и приватен пласман од 26 милијарди долари, во кој учествуваат компании меѓу кои „Гугл“ (Google), во сопственост на „Алфабет“ (Alphabet Inc.), „АМД“ (Advanced Micro Devices Inc.) и „Мајкрософт“ (Microsoft Corp.). Иницијалната јавна понуда на „Антропик“ е најголемата досега и без приватниот пласман. Основната понуда од 81,3 милијарда долари ја надмина понудата на „Спејсекс“ (SpaceX) од 75 милијарди долари.
Bloomberg
Побарувачката за акции во ИПО-то беше речиси седум пати поголема од бројот на достапни акции, објави „Блумберг њуз“ во неделата. Купувачите од Волстрит, преку Лондон, до Токио се натпреваруваа да дојдат до акции за кои се очекува брзо да влезат во индекси како Nasdaq 100 откако во четврток ќе почне тргувањето со нив. Фјучерсите на Nasdaq 100 пораснаа за 0,9 отсто во раните часови на тргувањето во Азија во четвртокот, и покрај остриот пад на технолошките акции во Тајван и Јужна Кореја.
Банкарите им кажале на потенцијалните инвеститори дека „Антропик“ ќе им даде предност на постојните инвеститори и дека некои купувачи ќе добијат помалку акции отколку што очекуваат, според лица запознаени со прашањето.
Некои инвеститори им нудат на други потенцијални инвеститори дел од акциите што им се доделени во иницијалната јавна понуда на „Антропик“. Со тоа можат да наплатат дополнителни надоместоци и да го намалат ризикот пред да почне тргувањето. Други инвеститори, кои поседуваат удели од пред иницијалната јавна понуда, им ги нудат на купувачите преку друштва за посебна намена.
Со иницијалната јавна понуда, „Антропик“ се вбројува меѓу 15-те најголеми компании чии акции се тргуваат на берза според пазарната вредност. Таа е речиси изедначена со „Тесла“ (Tesla Inc.) и е пред „Ели Лили“ (Eli Lilly & Co.), според податоците што ги собра „Блумберг“.
Валуацијата е под два билиона долари, колку што се споменуваше пред неколку месеци, но е далеку над 1,1 билион долари, колку што проценуваа некои на Волстрит во најлошиот момент од неодамнешната распродажба на технолошките акции.
„Антропик“ е првата лабораторија за најнапредна вештачка интелигенција што излегува на берза. Компаниите од оваа група ги развиваат најнапредните модели, наменети за решавање тешки проблеми и за помош на корисниците при сложени задачи како што се дизајнирање софтвер, правна работа и научни откритија. Со берзанското деби, компанијата стекнува јасна предност пред конкурентот „Опен еј-ај“ (OpenAI), кој не планира да излезе на берза пред 2027 година.
Берзата не понуди поволни услови за дебито на компанијата што го разви четботот „Клод“. Индексот Nasdaq 100 падна за 4,4 отсто во изминатата недела, заклучно со затворањето на берзата во средата. Акциите на „Енвидија“ (Nvidia Corp.) паднаа петти ден по ред, губејќи 2,9 отсто во редовното тргување, иако производителот на чипови објави финансиски резултати што ги надминаа очекувањата. „Енвидија“ треба да купи акции на „Антропик“ во вредност од 10 милијарди долари во рамките на приватниот пласман.
„Не се оптоваруваме премногу со тоа кога точно ќе излеземе на берза, во кој месец или на кој ден, ниту со тоа какви ќе бидат пазарните услови“, му рече извршниот директор на „Антропик“, Дарио Амодеи, на извршниот директор на „ЏП Морган“ (JPMorgan Chase & Co.), Џејми Дајмон, на настан минатиот петок. Тој рече дека најдобриот совет што го добил во текот на целиот процес бил „Никогаш не дозволувајте вашата компанија да вреди ниту еден долар повеќе од тоа колку што навистина вреди“.
Се очекува берзанското деби да го зголеми личното богатство на коосновачите, меѓу кои и Амодеи, како и на многу вработени во „Антропик“. Тоа ќе го зголеми и приносот за инвеститорите во ризичен капитал што ја поддржаа компанијата, меѓу кои „Ајконик“ (Iconiq), „Коту менаџмент“ (Coatue Management) и „Спарк капитал“ (Spark Capital), кој има место во одборот.
„Голдман Сакс“ (Goldman Sachs Group Inc.) и „Морган Стенли“ (Morgan Stanley) ја предводеа иницијалната јавна понуда на „Антропик“, со учество на уште 20 банки, се наведува во поднесениот документ. Се очекува тргувањето со акциите да почне во денеска на Nasdaq Global Select Market под ознаката ANT.