Цените на становите во Скопје во првиот квартал од годинава се зголемиле за 16,7 проценти на годишна основа, а за само 0,1 процент во однос на претходното тримесечје, покажува индексот на цени на станови што го изработува Народната банка. Станува збор за забавување на годишниот раст на цените на становите ако се земе предвид дека во последниот квартал од 2025 година тој изнесуваше 25 проценти.
Битно е да се нагласи дека индексот на цени на станови се однесува единствено на територијата на градот Скопје и се пресметува врз основа на огласени, а не реализирани цени за продажба на станови.
„Напумпани“ цени
Прочитај повеќе
Дури 30.000 евра за гаража - уште еден рекорд во Скопје
Градежната експанзија предизвика хроничен недостиг од паркинг-простор во Скопје, па цените на гаражите достигнуваат неверојатни суми. Според податоците на Катастарот за првата половина од минатата година, најскапата гаража чинела 30.000 евра.
18.02.2026
ББА-анализа: Се очекува двоцифрен раст на цените на недвижностите во Македонија во 2026 година
Просечната цена на недвижностите се зголеми за 71 процент во Босна и Херцеговина, 68 проценти во Хрватска, 58 проценти во Словенија, 54 проценти во Македонија и 41 процент во Србија.
18.02.2026
Најскапиот квадрат во скопски Центар 3.000 евра, расте продажбата
Најскапиот стан во четвртиот квартал од минатата година е продаден во скопската општина Центар по цена од 182.404 денари или близу 3.000 евра. За 83 метри квадратни купувачот платил вкупно 246.171 евра.
10.02.2026
Ако не купите ништо друго, колку плати ви се потребни за стан во земјава?
Растот на цената на становите далеку го надминува растот на платите. Последниот достапен податок за просечната плата на државно ниво покажува дека номинално заклучно со октомври таа пораснала за 9,8 отсто на годишно ниво. Но растот на цените на недвижностите на годишно ниво во 2025 година надминува 20 отсто.
15.01.2026
„Блумберг Адрија“ пишуваше дека во Македонија веќе подолг период има континуиран раст на цените на недвижностите, но и дека постои тренд да се прикаже нереална побарувачка односно да се „пумпаат“ цените на становите посебно во населбите од централното подрачје на Скопје. Спротивно на тоа, Агенцијата за катастар на недвижности во годишниот извештај од регистарот на цени и закупнини информира дека лани биле продадени вкупно 7.707 станови, што е намалување во однос на претходната година кога биле продадени 8.018 станови.
Во документот е наведено дека највисока постигната просечна цена од 1.692 евра по квадрат имале продадените стари станови во скопски Центар. Потоа следуваат Карпош (1.558 евра) Аеродром (1.419 евра), Кисела Вода(1.334) и Охрид (1.241 евро). Кога станува збор за купорподажба на станови од инвеститор, просечната постигната цена лани изнесувала 1.681 евро по квадрат во Центар, 1.311 евра во Карпош, 1.309 евра во Аеродром, 1.268 евра во Кисела Вода и 795 евра во Охрид.
Што очекуваат нашите аналитичари?
Аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ неодамна во анализа на регионалниот пазар на недвижности посочи дека структурните фактори продолжуваат да ја поткрепуваат побарувачката, вклучувајќи ја силната преференција за сопственост на дом (околу 80 проценти во споредба со 68 проценти во ЕУ27), високиот удел на купувања во готово и 110 милијарди евра во депозити на домаќинствата што може сè повеќе да се влеваат во недвижности.
Нашиот тим очекува просечните цени на недвижностите во регионот да се зголемат за дополнителни 10 проценти, со континуиран двоцифрен раст во Македонија, Босна и Херцеговина и Хрватска, поумерен раст во Србија и динамиката на цените во Словенија постепено да се конвергира кон стапките на инфлација.