Австрија го изгуби својот последен врвен кредитен рејтинг од голем проценител поради постојано високи буџетски дефицити, со што заврши децениската низа како еден од најдобро оценетите издавачи во Европа.
„Морнингстар ДБРС“ (Morningstar DBRS) ја намали Австрија на AA (високо) од AAA поради влошување на метриките за долгот, според ажурирањето објавено доцна во петокот. Перспективата сега е стабилна.
Одлуката значи дека сите пет проценители што ги користи Европската централна банка за проценка на обезбедувањето повеќе не ги сметаат јавните финансии на Австрија за достојни за примерни оценки. Со тоа се завршува 14-годишната ерозија, почнувајќи со одлуката на „СП Глобал рејтинг“ (S&P Global Ratings) да ја намали оценката на земјата за време на должничката криза во регионот.
„Австрија има поголеми фискални дефицити отколку пред пандемијата, главно поради трајно повисоките нивоа на расходи“, се вели во извештајот на ДБРС. „И покрај напорите на владата за консолидација, коефициентот на траекторијата на долгот на Австрија ќе остане во бавен тренд на зголемување“.
Овој потег ќе понуди дополнителен знак на итност за министерот за финансии Маркус Мартербауер, кој треба да го претстави двогодишниот буџет пред пратениците во среда по месеци политички препирки.
Тројната коалиција од конзервативци, социјалдемократи и либерали има за цел да го намали дефицитот под 3 проценти од бруто домашниот производ до 2028 година, со цел да се усогласи со правилата на Европската унија и да излезе од нејзиниот режим на фискална контрола.
Економијата на Австрија се мачи во последните години поради високите трошоци за енергија што ја зголемија инфлацијата и им наштетија на конкурентноста и растот.
Макс Диц и Михаел Хејдт од ДБРС потврдија дека економскиот моментум „постепено се засилува“.
„Сепак, продолжените геополитички тензии што резултираат со повисоки цени на енергијата за подолг период претставуваат ризици за растот и за фискалните перспективи“, се вели во извештајот. „Се очекува структурните фактори, вклучувајќи ги неповолните демографски трендови, зголемената глобална конкуренција во клучните производствени индустрии и зголемените трошоци за енергија и работна сила, да влијаат врз среднорочните перспективи за раст на Австрија“.
И покрај неколкуте намалувања во последните години, вклучувајќи ја и одлуката на „Фич рејтингс“ (Fitch Ratings) за намалување на два чекори под највисокиот ранг минатата година, австриските државни обврзници едвај реагираа.
10-годишните државни обврзници на Австрија имаат принос од 24 базични поени повеќе од обврзниците со сличен рок на достасување за Германија со рејтинг AAA. Тоа е под просекот во последните 10 години.