За разлика од еврозоната, македонската економија добро ја почна годината. Во првиот квартал растот на БДП изнесуваше 3,1 отсто, а економијата во земјите со заедничката валута се намали, главно поради лошите резултати на Ирска. Еврозоната се соочува и со стапка на инфлација од 3 отсто, за првпат од 2023 година, а очекувањата на ЕЦБ се дека трошоците ќе растат и ако војната во Иран заврши веднаш.
Сепак, растот на БДП во земјава не значи многу кога ќе се види колку граѓаните можат да стават на маса. Ја споредивме куповната моќ во земјава со таа во Европа. Во иднина ќе бидат потребни уште повеќе пари за да се наполни трпезата затоа што времето на евтината храна заврши засекогаш. Климатските промени, покрај војните, континуирано ги зголемуваат цените на сите прехранбени производи.
Се зголемија и банкарските надоместоци, што според гувернерот на НБРМ, Трајко Славески, е неоправдано и за да ѝ се стави крај на ваквата практика тој побара правни механизми.
Објавивме дека во период од десет години еден цел град со големина на Прилеп, на пример, се иселил во Германија. Многу често Македонците се селат и во Словенија и оттаму раскажуваат успешни приказни. Последната е на Вања Јосифовски, кој заедно со Словенецот Јуре Лесковец основа стартап што неделава ѝ го продаде на „Енвидија“.
Прочитајте повеќе:
Каде во регионот Адрија е најдобро за водење бизнис? Македонија само пред БиХ, Хрватска на чело
Во кои акции инвестираат семејствата на македонските политичари - на списокот се и величествените 7
Глобално, вестите се вртат околу ИПО-то на „Спејс екс“. Маск ги воодушеви инвеститорите на екстравагантниот настан по тој повод додека се обидува да ја намали провизијата што ќе им ја плати на банкарите.
Во тек се и подготовките за другите иницијални јавни понуди. „Морган Стенли“ и „Голдман Сакс“ го носат „Антропик“ на берза. Компанијата во трката со „Опен еј-ај“ веќе поднесе доверлива пријава за ИПО.
Војните и обидите за мир продолжија и оваа недела. Преговорите меѓу САД и Иран се во застој откако Хезболах го отфрли примирјето.
Преговори бара и Зеленски за крај на војната во Украина, а за таа цел му пиша и отворено писмо на Путин во време кога Германија, Франција и Британија подготвуваат план за разговори со рускиот претседател.
За крај, за споредните работи, кои во исто време се и најубави. Следната недела ќе почне најмасовното светско првенство во фудбал. Ви откриваме сè што треба да знаете пред почетокот на турнирот, но и каде е најдобрата атмосфера на Мундијалот.