Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, изрази загриженост поради најавеното зголемување на надоместоците во платниот промет од страна на неколку банки во земјата, оценувајќи дека во моментот не постојат оправдани причини за ваков потег.
„Народната банка е непријатно изненадена од одлуката на дел од банките да ги зголемат надоместоците што ги плаќаат граѓаните и компаниите за услугите во платниот промет. Особено загрижува фактот што во повеќето случаи станува збор за двоцифрени процентуални зголемувања“, истакна гувернерот Славески во изјава за МИА.
Тој потсети дека минатата година, на иницијатива на Народната банка и во соработка со банкарскиот сектор преку Македонската банкарска асоцијација, беа направени напори за намалување на одредени надоместоци, што даде позитивни резултати за корисниците на банкарските услуги.
Прочитај повеќе
„Комерцијална банка“ не исклучува влез на странски инвеститор: Ќе дочекаме ли глобален играч во банкарскиот сектор?
Обврската за евентуалното привлекување стратешки инвеститор останува една од приоритетните цели и задачи на банката.
10.02.2026
Македонија јубилејни 30 години го одложува данокот на депозитите: До каде сме?
Различни состави на Владата ветуваа законски измени со кои ќе стапи на сила одредбата за даночење на каматите на депозитите, но потоа сите ретерираа и го одложуваа спроведувањето за други времиња.
06.02.2026
Во банките чуваме рекордни 10,7 милијарди евра иако инфлацијата ги „јаде“ каматите
Штедењето расте и покрај разгорената инфлација која беше и сѐ уште е повисока отколку каматите на депозитите, поради што се обезвреднува приносот на штедачите.
03.02.2026
Ќе успее ли НБРМ значително да ги намали банкарските надоместоци?
Само еден месец откако седна на гувернерската фотелја, Трајко Славески побара од банките да ги намалат надоместоците што ги наплатуваат од граѓаните и фирмите. Кратко потоа, од почетокот на август некои од банките постапија според иницијативата на Народната банка и ги намалија надоместоците.
29.12.2025
„Сега сме сведоци на обратен процес за кој не гледаме економска оправданост. Ги повикувам банките кои најавија зголемување на провизиите во најкус можен рок да ги преиспитаат своите одлуки и да се откажат од најавените поскапувања“, нагласи гувернерот.
Воедно, гувернерот посочи дека Комисијата за заштита на конкуренцијата треба внимателно да ги следи случувањата во банкарскиот сектор и да оцени дали ваквото однесување упатува на координирано дејствување што би можело да биде на штета на клиентите.
Осврнувајќи се на можностите за институционален одговор, Славески истакна дека Министерството за финансии и Народната банка треба да разгледаат подготовка на измени во законската рамка, по примерот на повеќе европски и други земји, со кои би се овозможило регулирање на висината на надоместоците што банките ги наплаќаат за услугите во платниот промет.
Притоа, тој појасни дека Народната банка во моментов нема законска надлежност директно да ги регулира провизиите што ги наплаќаат банките.
„Иако во јавноста често постои перцепција дека Народната банка може да интервенира во висината на банкарските провизии, постојната законска рамка не предвидува таква можност. Регулирањето е оставено на пазарните механизми и конкуренцијата, но актуелните случувања укажуваат на потребата од преиспитување на овој пристап“, рече Славески.
Според него, потребата од евентуално законско регулирање произлегува од фактот што платниот промет претставува услуга од јавен интерес, неопходна за секојдневното функционирање на граѓаните и компаниите.
„Платниот промет има карактеристики на услуга од јавна корист, слично како снабдувањето со електрична енергија, вода или природен гас, што дополнително ја отвора дебатата за соодветен модел на регулирање на надоместоците во оваа област“, истакна гувернерот Славески.