Најдоброто Светско првенство во мојот живот беше во 2006 година, кога Италија по драматично продолжение ја победи Франција по изведување пенали. Натпреварот беше толку напнат што неговиот најпознат момент остана сцената во која легендарниот француски играч од средниот ред Зинедин Зидан со глава го удри италијанскиот играч и доби исклучување.
Тоа финале ми остана трајно во сеќавање затоа што го доживеав во живо. Не на стадионот во Берлин, каде што се играше финалето, туку во Рим, на „Циркус Максимус“. Мојот татко и јас го следевме натпреварот на големи јавни екрани заедно со илјадници италијански навивачи, целосно занесени од случувањата на теренот.
Кога Италија победи, се чинеше како извик на воодушевување да се прошири низ целиот Апенински Полуостров. Тогаш имав 15 години и доаѓав од мирно американско предградие, но таа ноќ ја почувствував страста што ја имаат само најверните навивачи за „аѕурите“.
Прочитај повеќе
Светско првенство 2026: Сè што треба да знаете пред почетокот на турнирот
Кои се фаворити за титулата? Колкава е вредноста на нивните репрезентации?
02.06.2026
Светското првенство се соочува со закани - можни се прекини на натпреварите
Навивачите би можеле да бидат изложени на поголем ризик од самите играчи
31.05.2026
Хаотично и политизирано Светско првенство се приближува кон почетокот
Прикриените закани на Трамп против иранските играчи и непријателствата со Канада и Мексико се наѕираат во голема мера пред претстојниот настан.
13.05.2026
Прогноза: Мбапе ќе ја води Франција до златото на Светското првенство
Аналитичарите на „Банката на Америка“ предвидуваат дека Франција ќе го освои годинашното Светско првенство во фудбал и ќе ја освои својата трета титула со победа над Шпанија во финалето.
07.05.2026
Додека се враќавме кон хотелот во река од славеници, возачи излегуваа од автомобилите заглавени во сообраќајот за да танцуваат на улиците. Млад човек со лице обоено во боите на италијанското знаме прелета со скутер мавтајќи со огромно знаме. Славеше целиот град, целата држава. Таа ноќ Италија, а не Германија, стана центар на светската фудбалска еуфорија.
Depositphotos
Светското првенство претставува врв на фудбалот токму затоа што има моќ да ја обедини нацијата околу една репрезентација и еден деведесетминутен натпревар. Се одржува на секои четири години и ги собира најдобрите играчи од една земја, кои инаку настапуваат за различни и често ривалски клубови, за да се борат за трофеј за кој ќе се зборува со генерации.
Ако сакате да ги доживеете најинтензивните емоции од турнирот, најдоброто место за гледање не е таму каде што се игра натпреварот, туку земјата од која доаѓа репрезентацијата што настапува.
Кај повеќето големи фудбалски нации фудбалот е многу повеќе од спорт. Навивањето е речиси племенско, а неговото влијание врз културата е единствено. Тоа не е елитна забава, туку национална страст. И додека мал број навивачи можат да си дозволат патување на турнирот, огромно мнозинство останува дома.
Во пресрет на финалето во 2006 година, се чинеше дека цела Италија застана за да ги следи натпреварите. Милиони луѓе се собираа на плоштади и во паркови, кафулињата и баровите беа преполни. Сè беше јавно и отворено, па и туристите лесно се приклучуваа на славењето. Во текот на тие недели ја запознав репрезентацијата, нивните карактери и квалитети. Покрај тоа, играчите беа исклучително популарни и поради изгледот - Рим тоа лето беше преплавен со реклами на „Долче и Габана“ (Dolce & Gabbana) на кои се појавуваа во долна облека. Како и многумина тогаш, бев заљубена во Андреа Пирло.
Годинашното Светско првенство се игра во САД, Мексико и Канада, земји што не се особено познати по фудбалска еуфорија. За оние што сакаат да ги почувствуваат подемите и падовите на турнирот илјадници километри далеку од стадионите, постојат многу привлечни опции. Иако Италија повторно не успеа да се квалификува, обложувачниците најголеми шанси за титула им даваат на Шпанија, Франција, Аргентина и Англија, а веднаш зад нив се Бразил, Португалија, Германија, Холандија и Мароко.
Секако, натпреварите во северноамериканските временски зони создаваат одредени логистички предизвици, но и можности. Почеток на натпревар во 22 часот по источноамериканско време значи будење во четири наутро во поголем дел од Европа, но термините напладне или попладне совршено се вклопуваат во вечерно излегување во Шпанија, Франција или Хрватска, каде што вечера пред 21 часот и онака би открила дека сте турист.
За оние што не сакаат да размислуваат за ноќни термини, Бразил и Аргентина изгледаат како одличен избор. Процените покажуваат дека двете репрезентации имаат повеќе од 50 проценти шанса да стигнат барем до четврт-финале. Покрај тоа, станува збор за земји што живеат за фудбалот и знаат како да организираат незаборавни ноќи.
Како интересни алтернативи се издвојуваат Уругвај, Јужна Кореја, Сенегал, Еквадор и Хрватска - земји што сериозно го доживуваат Светското првенство и од кои се очекуваат неколку победи. Дури и традиционално воздржаната Швајцарија би можела да понуди ретко живописна атмосфера.
Во срцето на Светското првенство се наоѓа општествено прифатлива форма на национална гордост, а некои земји успеваат привремено да ги остават политичките поделби настрана. Срцето ќе ви чука побрзо ако гледате натпревар во обичен шпански бар, опкружени со локални навивачи што го проживуваат секој момент, отколку на најоддалечените седишта на голем стадион во Лос Анџелес. Постои и дополнителна предност во градовите што не се приспособени за автомобили - по натпреварот веднаш можете да се приклучите на славењето на улиците, наместо со часови да стоите во сообраќаен метеж.
Тука е и прашањето на трошоците. Поради динамичното формирање на цените тешко е да се направат прецизни споредби, но билетите за натпревари во Северна Америка се движат од околу 380 долари, па до повеќе од 4.000 долари. Билетите за полуфиналето достигнуваат и 11.130 долари, додека за финалето почетните цени биле 4.185 долари, а најдобрите места наводно достигнуваат речиси 33.000 долари, што е над дваесет пати повисоко од претходното првенство во 2022 година.
Depositphotos
Дури и некои брендови ги користат високите цени на билетите во своите маркетиншки кампањи. Канадската авиокомпанија „Ер трансат“ (Air Transat) постави билборд со порака: „Гледајте ја Португалија: 3.870 долари. Посетете ја Португалија: 799 долари“.
Португалија го слави Кристијано Роналдо речиси како национален херој, а ова би можела да биде негова последна шанса да го освои единствениот голем трофеј што му недостига. Ако Португалија стигне далеку на турнирот, тешко е да се замисли дека земјата нема да биде преплавена со еуфорија.
Слично важи и за Шпанија. Повратен авионски билет од Њујорк до Барселона може да чини меѓу 650 и 950 долари. Сместувањето во големите градови не е евтино, но сепак е значително поевтино од престојот во градовите домаќини на првенството. Храната и пијалаците се пристапни, а целото искуство може да се сподели со нација длабоко вкоренета во фудбалската традиција, каде што навивачите на ривалски клубови како Барселона и Реал Мадрид се обединуваат зад репрезентацијата.
ФИФА, соочена со критики поради цените на билетите, пушти ограничен број билети од 60 долари, но се проценува дека тие сочинуваат помалку од 1,6 отсто од вкупниот капацитет на стадионите.
Bloomberg
Признавам, оваа стратегија бара одредена доза храброст. Живеев во Лондон во 2018 година, кога самоуверените англиски навивачи беа убедени дека трофејот конечно „доаѓа дома“. Беше фантастично сè додека Англија не загуби од Хрватска по продолженија. Можете да изберете погрешна репрезентација за која ќе навивате, но ризикот се исплати.
Тоа лето во 2006 година речиси немаше поинтересно место на светот од Франција додека нејзината репрезентација се движеше кон финалето против Италија. Да беше исходот поинаков, Франција таа ноќ веројатно ќе беше најдоброто место на планетата за следење на финалето. Сè до моментот кога Давид Трезеге ја погоди пречката, можеби и навистина беше.