„Енвидија“ (Nvidia Corp.) го презеде „Кумо АИ“ (Kumo AI), четиригодишен стартап што развива основни модели за прецизни деловни предвидувања, изјавиле за „Форчн“ (Fortune) два анонимни извори запознаени со зделката. Меѓу тројцата коосновачи на компанијата е и Вања Јосифовски од Скопје, кој воедно е и извршен директор на стартапот, како и Јуре Лесковец, словенечки информатичар и професор на Универзитетот Стенфорд, кој во „Кумо АИ“ ја извршувал функцијата главен научник.
Финансиските услови на преземањето не се познати. За зделката прв објави „Форчун“, додека „Информејшн“ (The Information) објави дека нејзината вредност изнесува најмалку 400 милиони долари. Потоа за преземањето известија и други технолошки медиуми.
Според странските медиуми, сите тројца коосновачи на „Кумо АИ“ — Вања Јосифовски, Хема Рагаван и Лесковец — минатиот месец се приклучиле на тимот на „Енвидија“. Тоа е наведено и во нивните ажурирани профили на „Линкедин“ (LinkedIn), додека веб-страницата на „Кумо АИ“ сè уште не ги споменува кадровските промени. Со прашања за условите и целите на преземањето се обративме и до Лесковец, а неговите одговори сè уште ги очекуваме.
Прочитај повеќе
Само да проговори и Џенсен Хуанг прави 50 милијарди долари
Акциите растат врз основа на споредни коментари и оптимизам, а не на реални бројки.
пред 21 час
Кинески лаборатории поврзани со војската бараат чипови од „Енвидија“
Дел од институциите се на американската црна листа.
02.06.2026
Енвидија влегува на пазарот на персонални компјутери како силна конкуренција на Интел и АМД
Енвидија ја проширува битката со Интел и АМД надвор од дата-центрите, претставувајќи нов процесор за персонални компјутери оптимизиран за ерата на вештачката интелигенција.
01.06.2026
Во кои акции инвестираат семејствата на македонските политичари - на списокот се и величествените 7
Податоците за имотната состојба на македонските политичари откриваат дека тие не ги сакаат хартиите од вредност. А најимпресивно портфолио поседува сопругата на пратеникот Антонио Милошоски.
01.06.2026
Хуанг од „Енвидија“: На крајот вештачката интелигенција ќе ја поевтини струјата
Главниот извршен директор на „Енвидија“, Џенсен Хуанг, изјави дека масовната изградба на капацитети за вештачка интелигенција, која моментално го оптоварува електричниот систем на многу места, на крајот ќе доведе до поевтина енергија.
03.02.2026
Јуре Лесковец, коосновач на „Кумо АИ“/Bloomberg Adria
Стартатот собра 37 милиони долари
„Кумо АИ“, со седиште во Маунтин Вју, Калифорнија, е основана во 2022 година. Компанијата во две инвестициски рунди во истата година обезбеди 37 милиони долари ризичен капитал, а меѓу инвеститорите беше и „Секвоја капитал“ (Sequoia Capital).
Нејзините модели досега ги користеа компании како апликацијата за достава на храна „Дор Деш“ (DoorDash), интернет-платформата „Редит“ (Reddit) и британскиот трговски синџир „Сејнсбери“ (Sainsbury’s).
„Кумо АИ“ развива модели наменети за предвидување деловни настани, како што се заминување на клиенти, ризик од ненаплата на кредити или други обрасци во податоците на компаниите. Како што минатата година објави „Форчун“, моделот РФМ на „Кумо АИ“ овозможува значително побрзо предвидување во споредба со традиционалната предиктивна аналитика, која често одзема многу време и бара дополнително приспособување на моделите.
„Развојот на вештачката интелигенција е толку брз што напредок се случува на месечно ниво. Веќе методите што ги имаме денес се исклучително корисни, ги користат милијарди луѓе и уште денес сме попродуктивни“, изјави Лесковец во интервју за Блумберг Адрија минатата година.
Во интервјуто тој зборуваше и за тоа кои професии, според него, ќе бидат заменети со вештачка интелигенција.
„Сегашната насока на користење на овие големи модели оди кон тоа да имаме еден соработник што ни овозможува да бидеме поактивни во секојдневието, односно човек и машина да работат заедно. Другиот аспект се автономните агенти што извршуваат одредена задача наместо нас“, смета Лесковец.
„Енвидија“ гради цел екосистем за вештачка интелигенција
Преземањето на „Кумо АИ“ се вклопува во пошироката стратегија на „Енвидија“ за аквизиции и ангажирање тимови од областа на вештачката интелигенција. Компанијата сака, покрај чиповите, дополнително да го зајакне и софтверскиот и податочниот дел од својот екосистем за вештачка интелигенција.
Се проценува дека „Енвидија“ во последните неколку години презела повеќе од 100 стартапи, со кои ги пополнува поединечните сегменти од својата сеопфатна понуда за вештачка интелигенција. Во декември 2025 година, во зделка вредна 20 милијарди долари, ги презеде клучните технолошки средства и кадри на „Грок“ (Groq), компанија што работи во областа на извршување на модели за вештачка интелигенција. Во февруари годинава ја презеде „Илумекс“ (Illumex), која се занимава со семантика на податоци, а во април 2024 година за 700 милиони долари ја купи „Ран.аи“ (Run.ai), развивач на софтвер за управување и распределба на компјутерски ресурси.