Примената на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) од минатата година веќе носи видливи ефекти кај македонските компании и граѓани, потврдуваат од Народната банка. Според податоците од банките, околу 60 отсто од плаќањата во евра што ги вршат граѓаните кон земјите членки на СЕПА сега се реализираат преку новата платежна шема. Кај компаниите, речиси половина од плаќањата во евра се преку СЕПА, при што најактивни биле извозно-увозните фирми со редовни трансакции кон европските партнери.
Од централната банка велат дека еден од најконкретните ефекти од воведувањето на СЕПА се значително намалените трошоци за трансакции. „Компаниите, кои претходно плаќале во просек околу 77 евра по трансакција преку кореспондентно банкарство, преку СЕПА плаќаат приближно 9 евра, што претставува осумкратно намалување. Кај граѓаните, пак, плаќање од 100 евра преку кореспондентно банкарство претходно чинело околу 26 евра, а преку СЕПА сега чини само 4 евра, речиси шесткратно намалување на надоместоците“.
Клучна предност, како што потврдуваат актерите во плаќањата, е тоа што освен финансиската корист, СЕПА ја зголемува и предвидливоста на трансакциите. „Надоместоците се однапред познати и фиксни, а плаќањата се извршуваат побрзо отколку преку класично кореспондентно банкарство, каде што бројот на посреднички банки и нивните трошоци честопати не се познати однапред. За граѓаните и компаниите ова значи поедноставено и транспарентно извршување на трансакциите во евра“, вели во во интервјуто на „Блумберг Адрија“ Игор Величковски, директор на Дирекцијата за платни системи во Народната банка.
Тој додава дека иако трендот е позитивен, потребен е временски период за целосна промена на навиките и приспособување на договорните односи, особено кај компаниите што досега користеле традиционални кореспондентни плаќања. Со дополнително унапредување на банкарските дигитални платформи и зголемување на информираноста, се очекува користењето на СЕПА да продолжи да расте, овозможувајќи пошироко прифаќање и кај граѓаните и кај компаниите.