text size
Огромни нови и стари куќи со затворени ролетни и без жители се редовна слика покрај македонските патишта во поголемиот дел од годината, а бројот на празни станови по градовите од година во година континуирано се зголемува. Поголемиот дел од нив се имоти на иселеници во други држави кои доаѓаат во родниот крај еднаш или два пати годишно, а некои од нив веќе воопшто не доаѓаат. Континуираното иселување на македонските граѓани во изминативе децении придонесе се повеќе македонски деца да се раѓаат во странство. Тие веќе имаат имоти во Македонија од нивните родители, баби и дедовци и затоа немаат интерес да инвестираат во нови недвижности во земјава. Ова е само еден пример за тоа како демографските промени односно миграциите, негативниот природен прираст и стареењето на населението денес го обликуваат пазарот на недвижности во нашата земја, а во иднина нивното влијание ќе биде уште поголемо.