text size
Ротацијата на пазарот, во која инвеститорите се повлекуваат од високопрофилните производители на чипови и се насочуваат кон индустрии почувствителни на економските движења, дополнително забрза. Акциите пораснаа поттикнати од силните деловни резултати и падот на цените на нафтата. Верзијата на индексот S&P 500 со еднаква тежина на компаниите (equal-weighted), која го отстранува влијанието на пазарната капитализација, достигна рекордно високо ниво. Индексот Dow Jones Industrial Average порасна за 1,1 проценти. Овие добивки беа доволни да ја надоместат распродажбата на акциите на производителите на чипови, која претходно го туркаше Nasdaq 100 кон техничка корекција. Цената на нафтата од типот брент се стабилизираше околу 84 долари за барел, што ги намали стравувањата од инфлација и ги спушти приносите на обврзниците пред одлуката на Федералните резерви на САД (Фед).
Добро утро, ова се останатите пет вести што се важни за почеток на денот.
Просечен македонски играч на странски берзи: маж од 40 години е загреан за величествената седумка и вложува 10.000 евра
Интересот на македонските граѓани за самостојно вложување на странските берзи, а не преку инвестициски фондови, од година на година е сѐ поголем, како што покажуваат и бројките на Комисијата за хартии од вредност за остварен промет на странски пазари: па така, за цела 2025 година овој износ е околу 110 милиони евра, што е за седум отсто повеќе од годината претходно и над двојно повеќе во однос на 2023 година.
Трендот продолжува и во 2026 година, при што во првиот квартал на странските берзи домашните физички и правни лица „свртеле“ 55,5 милиони евра, за 85 отсто повеќе во однос на истиот период лани.
Регионалните берзи во 2026 година: Каде најмногу се тргуваше со акции, обврзници и ЕТФ-ови?
Откако пишувавме за тоа каде инвеститорите заработиле пари, а каде изгубиле на глобалните берзи, овој пат фокусот на вниманието е на обемот на тргување во регионот. Даваме преглед на прометот на акции, обврзници и ЕТФ-овите на шест регионални берзи во текот на првата половина од годината, за да покажеме каде тргувањето било најактивно, кои компании привлекле најголем интерес на инвеститорите и како се движеле регионалните пазари на капитал во однос на обемот на тргување.
Прометот претставува еден од основните индикатори за активност на пазарот на капитал бидејќи покажува колку е тргувано во одреден период. Иако не е исто што и ликвидноста сам по себе, повисокиот промет обично укажува на поактивен пазар и поголем интерес на инвеститорите. Затоа прегледот на полугодишниот промет дава добра слика за тоа на кои берзи инвеститорите биле најактивни, а каде тргувањето останало скромно.
Некогаш 50 натпревари беа премногу, денес ни 70 никого не изненадуваат
Пред две децении, 50 натпревари во една сезона се сметаа за сериозен ризик за здравјето на играчите и за квалитетот на фудбалот. Денес водечките фудбалери ја надминуваат границата од 70 настапи, а поголема расправа се води за шесте минути што ги добија на Светското првенство за да се напијат вода. Седумдесет натпревари во една сезона веќе не предизвикуваат посебно изненадување.
Анализата на „Трансфермаркт“ покажува дека Ханс Ванакен, Морган Роџерс и Алексис Мак Алистер во сезоната 2025/26 забележале по 71 настап за клубот и репрезентацијата. Вирџил ван Дајк, Деклан Рајс, Мајкл Олисе и Бенјамин Нигрен ја завршиле сезоната со по 69 натпревари. Листата е претставена како преглед на исклучителната издржливост и постојана достапност на играчите. Пред дваесетина години, бројки помали за 10 до 15 натпревари отвораа дебати за замор, повреди и пад на квалитетот на играта.
ФИФА го отвора Мундијалот за приватниот капитал, УЕФА порачува дека фудбалот не е на продажба
ФИФА планира да формира компанија вредна 20 милијарди долари, во која би ги префрлила комерцијалните права и деловните активности на своите најголеми натпреварувања, а потоа дел од сопственоста би ја продала на приватни инвеститори. На овој начин светската фудбалска организација сака да обезбеди до 4,2 милијарди долари. Планот предизвика остра реакција од УЕФА, која тврди дека ФИФА се обидува да тргува со вредност што му припаѓа на целиот фудбалски екосистем.
Новата компанија би го носела името FIFA Forward Enterprise (FFE) и би управувала со комерцијалните активности поврзани со Светското првенство, Светското клупско првенство, како и со останатите машки, женски и младински турнири под капата на ФИФА. Во рамките на FFE би биле обединети приходите од телевизиските права, спонзорствата, продажбата на билети, ВИП и угостителските услуги (hospitality), лиценцирањето, како и оперативната организација на турнирите.
Вработени во „Опен еј-ај“ и „Антропик“ бараат САД да помогнат во контролирање на ВИ
Вработени во „Опен еј-ај“ и „Антропик“ шират петиција во која се повикува американската влада да поддржи механизам што би помогнал намерно да се регулира темпото на развојот на вештачката интелигенција (ВИ), со цел да се спречи технологијата да напредува пребрзо. Ова доаѓа само неколку дена откако производителот на Чат ГПТ откри дека неговите алатки по грешка хакирале внатрешни системи на друга компанија.
Според лица запознаени со случајот и копија од петицијата во која имаше увид „Блумберг Њуз“, вработени во водечките лаборатории за ВИ споделиле отворено писмо со колегите, повикувајќи ги Соединетите Американски Држави да поддржат меѓународен напор за воспоставување механизам што би го регулирал темпото на развој на сè пософистицирани системи на вештачка интелигенција, доколку тоа стане неопходно. Во документот се предупредува дека постои „реален ризик“ ВИ да напредува побрзо отколку што луѓето можат „да ја разберат или контролираат“, при што се посочуваат достигнувањата во автоматизацијата на истражувањата во областа на ВИ.