S&P 500 изгуби замав поради слабоста кај компаниите од високопрофилната технолошка. Според експертите, слабоста кај технолошките акции е вознемирувачка, но повеќе изгледа како прилагодување. Истовремено, нафтата падна под 75 долари за барел што е првпат од почетокот на војната на Блискиот Исток, а златото падна под 4.000 долари за унца за првпат од ноември.
Добро утро, ова се останатите пет вести што се важни за почеток на денот.
Колку ќе заработевте од вложување во ВИ акции за пет или десет години
Кога ЧетГПТ (ChatGPT) се појави крајот на 2022 година и за неколку месеци стана дел од работата и животот на милиони луѓе, малкумина претпоставувале какви потреси наскоро ќе направи вештачката интелигенција (ВИ) на светските берзи: илјада долари вложени во вистинска акција од компанија што работи во делот на ВИ инфраструктура (хардвер и софтвер) пред една деценија можеле да нараснат до износ кој повеќе наликува на лотариска добивка отколку на инвестициски принос.
Од „Опен еј-ај“ (OpenAI), компанијата што го разви ЧетГПТ допрва се очекува иницијалната јавна понуда (ИПО), исто како и од конкурентот „Антропик“, настани што треба да донесат вистинско цунами на берзите – бран што прв го почна пред десетина дена „Спејс екс“ (SpaceX) на Илон Маск. Меѓутоа, има компании од технолошкиот сектор којшто и самиот сѐ повеќе се развива околу ВИ, коишто се повеќе години котирани на берзите и веќе направија вистинско богатство за своите акционери.
„Леорон Институт“ го назначи Ѓорѓи Груевски за Главен оперативен директор
„Леорон институт“ (LEORON Institute), компанија со седиште во Кралството Саудиска Арабија специјализирана за корпоративна едукација и EdTech, денес објави дека го назначува Ѓорѓи Груевски за Главен оперативен директор (COO). Ова назначување потврдува повеќе од 14 години негов придонес во оперативниот раст на „Леорон“ (LEORON) и ја одразува довербата на организацијата во својот европски тим, кој продолжува да игра клучна улога во нејзините глобални операции.
Роден и израснат во Скопје, Ѓорѓи Груевски помина повеќе од 14 години развивајќи ја оперативната инфраструктура на „Леорон“ (LEORON), придонесувајќи за трансформацијата на организацијата во глобална образовна институција присутна во повеќе од 60 градови ширум светот. Дипломирал и магистрирал право, комбинирајќи силна академска основа со богато искуство во деловното управување.
Спилберг повторно ги полни кината - новиот хит филм привлекува и постара публика
Од „Блиски средби од трет вид“ (Close Encounters of the Third Kind) до „Вонземјанинот И.Т.“ (E.T. the Extra-Terrestrial) и „Војна на световите“ (War of the Worlds), блокбастер со НЛО-тематика со потписот на Стивен Спилберг долго време беше настан што не се пропушта, а ниту неговото ново остварување не е исклучок.
Неговиот најнов додаток во канонот на филмови за вонземјани, „Ден на разоткривање“ (Disclosure Day), заработи 44 милиони долари само во САД, станувајќи негов најдобар старт за оригинален филм.
Она што особено дава контекст на ситуацијата е кој дошол да го гледа. Според наводите на „Дедлајн“ (Deadline), речиси 40 отсто од гледачите биле постари од 45 години, додека 55 отсто од посетителите го навеле самиот Спилберг како најголема причина поради која отишле во кино. Таквиот одѕив на публиката ја отфрла идејата дека постарата публика повеќе не е заинтересирана за кино-искуството. Но истовремено го истакнува растечкиот предизвик за Холивуд: достигнувањето до постарите гледачи бара одредени услови и значителни ресурси што мал број филмови можат да ги исполнат.
Пензиската реформа во Германија ќе биде одобрена до крајот на годината
Канцеларот Фридрих Мерц изјави дека неговата влада има цел да ја протурка сеопфатната реформа на пензискиот систем низ парламентот до крајот на годината.
Германскиот лидер го даде временскиот рок додека пред пратениците ги бранеше предлог-мерките за пренасочување на повисоките пензиски придонеси кон фонд базиран на пазарот, постепено зголемување на возраста за пензионирање и ограничување на можностите за порано напуштање на работната сила.
Доктор од Франција е заразен со ебола
Лекар кој се врати во Франција по хуманитарна работа во Демократска Република Конго има ебола, според француското Министерство за здравство, кое работи на следење на можни контакти за да се осигура дека тие ќе бидат изолирани.
Пациентот е првиот случај на ебола идентификуван надвор од регионот во тековната епидемија. Тој е во стабилна состојба и добива нега во специјализирана установа, соопшти министерството во средата, додавајќи дека веднаш бил изолиран и пренесен во болница по неговото враќање во Франција, додека се чекаа резултатите од тестовите.