Вкупно девет пожари во земјава се активни во моментов, четири се под контрола, а 30 се изгаснати, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). На помош се очекуваат уште шест хеликоптери и четири „ер трактори“ што се дел од Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија.
Надлежните се справуваат со пожарите во општината Пехчево, кај селото Негрево, во општината Старо Нагоричане, во селата Малотино и Жегљане, потоа во кратовското село Татомир и во неколку села од општината Македонски Брод. Според информации од ЦУК, активни се пожарите и во селата Горно и Долно Ѓуѓанци, Строиманци и Ранченци, сите во Свети Николе, потоа во пробиштипските села Зелениград и Јамиште, но и во Стрисовци и Барбарево, а во општината Пласница пожарот е проширен кон селото Латово, Македонски Брод. Во општината Кочани гори кај селото Пресека.
Најстрашно е во Пехчево, од каде што стигнуваат апели за помош.
Денеска се одржа и седница на Главниот штаб за управување со кризи при ЦУК, под раководство на директорот Стојанче Ангелов, а во присуство на офицерот за врски на ЕУ-механизмот за цивилна заштита, Клер Ковалецки.
Од ЦУК соопштија дека „според развојот на настаните за ситуацијата со големите пожари на отворен простор, Главниот штаб за управување со кризи директно ги координира решенијата преку претставниците што се постојано присутни на седниците, во име на министерствата, институциите и службите од Системот за управување со кризи (СУК)“.
„Центарот за управување со кризи е одговорен за координацијата на своите и сите други потребни активности со сите учесници во Системот за управување со кризи, обезбедува континуирана меѓусебна комуникација и соработка за собирање податоци и информации, информира и предлага мерки за ризиците и опасностите што можат да ја загрозат безбедноста на Републиката“, велат оттаму.
МИА јавува дека пожарот во општината Старо Нагоричане се гаси со два хеликоптера, македонски и српски.
„Девет пожарникари од нашата единица, 30 припадници на армијата, пет припадници од ’Национални шуми’“, изјави командирот на ТППЕ Старо Нагоричане, Далибор Трајковски.
Пожарот вчера се префрли во боровата шума. Покрај екипи на противпожарни единици на Старо Нагоричане и соседните општини, во гасењето беа вклучени и две теренски возила на „Национални шуми“ од кумановската и од подружницата од соседната општина Крива Паланка.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека има историски незапаметен број на пожари на отворено. Како што рече, некои се од невнимателност, некои со намера, и потенцираше дека има доволен кадар за справување.„Станува збор за огнена стихија што е на својот историски пик. Само вчера имавме 66 активни пожари на отворено, 40 успеавме успешно да ги изгасиме. Имајќи ја предвид температурата што следува, ќе продолжиме со ваквите предизвици да се бориме и во август“.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, пак, изјави дека државата е во многу лоша состојба околу справувањето со пожарите. „Ова од аспект на технички услови, кадар, оперативно, системска поставеност, начин на брзо и соодветно реагирање, начин на откривање“.
Тој соопшти дека пожарите најчесто ги предизвикува човечки фактор и оти оперативната акција „Пожар 2024“ за справување со пожарите е веќе отворена. Тошковски информира дека во изминатиот период се пронајдени, лоцирани и лишени од слобода повеќе лица во врска со конкретни пожари.