Во неделава што следува ќе се одвиваат подготовките за техничката влада што треба да финишираат со гласање најдоцна во недела на 28 јануари. Тоа подразбира оставки на претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Димитар Ковачевски, избор на нов претседател на Собранието - Јован Митрески, како и координатор на пратеничката група на СДСМ. Исто така следува верификација на нов мандат на пратеник на местото на Џафери и евентуално на други пратеници доколку некои од министрите или дополнителните заменици министри од ВМРО-ДПМНЕ дојдат од редовите во Собранието. Какви ќе бидат активностите, ќе се знае по утрешната редовната понеделничка координативна средба во Собранието, на која не присуствуваат ВМРО-ДПМНЕ и пратениците од Европскиот сојуз за промени.
Џафери, според објавеното на веб страната на Собранието, на 23 јануари има закажано последна активност - официјална средба со Едуардс Борисовас, амбасадор на Република Литванија. На 24 и на 25 јануари во Собранието засега нема закажано никакви активности, додека за петок (26 јануари) е закажана новата 139. седница која до сега има само една точка на дневен ред и тоа дополнет предлог на закон за употреба на македонскиот јазик - второ читање.
На 9 јануари, по одржаната прва координативна средба во Собранието, Кабинетот на Џафери соопшти дека од 22 до 28 јануари ќе се одвиваат формалните подготовки за техничката Влада во Собранието.
„Во периодот од 22 до 28 јануари на пленарна седници ќе се реализираат следниве процедури: констатирање на оставка на претседател на Влада и претседател на Собрание, избор на нов претседател на Собрание, информирање на претседателот на државата за доделување на мандат на нов претседател на Влада, избор на Влада, министри, заменици министри и дополнителни заменици министри, како и констатирање на престанок на мандат на пратеник и верификација на мандат на нов пратеник во Изборна единица 5.“, посочија тогаш од Собранието.
Од Кабинетот на Џафери тогаш исто така информираа дека седница за пратенички прашања нема да има до крајот на овој мандат на Собранието.
„Првата седница за пратенички прашања ќе се одржи по 100-те дена мандат на влада избрана на парламентарните избори“, се наведува во информацијата од координативната средба.
На координациите со Џафери редовно не присуствуваа претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но тогаш не беа ни претставници на албанската опозиција, која најави бојкот на Собранието поради тоа што не е прифатен нивниот кандидат за член на Државната изборна комисија.
Се уште не се знае како кадровски ќе изгледа техничката Влада по изјавите на премиерот Ковачевски и најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе гласа воздржано за техничката влада.
„Местата кои со закон и следуваат на опозицијата во техничката влада треба да останат празни се додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа Влада“, рече Ковачевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ и вчера информираа дека остануваат на ставот да не гласаат за техничкиот премиер. Најавија дека имињата на министрите и замениците министри ќе ги објават оваа недела.
И од Демократската унија за интеграција, според најавите, нема да ги поддржат предлозите за министри во техничката влада кои доаѓаат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Вчера и Либерално-демократската партија излезе со сличен став.
Техничката влада нема да биде поддржана и од Демократскиот сојуз според кој парламентарното мнозинство треба да си обезбеди 61 пратеник и да ја изгласа техничката влада. Тоа, не е обврска на другите партии, уште помалку на опозицијата задолжително да гласа, вели лидерот на ДС, Павле Трајанов кој очекува да не се избере техничка влада, туку Владата во оставка да продолжи до крајот на својот мандат, односно до прогласување на изборните резултати.
Техничката Влада се формира 100 дена пред одржување на парламентарните избори, што треба да се одржат на 8 мај. Претходно, на 24 април ќе се одржат претседателските избори. Мандатот на оваа Влада завршува со изборот на нова Влада.