Кина казни над дваесет образовни службеници поради серија цртежи во учебници по математика за кои истрага покажала дека децата на нацијата ги прикажуваат како „грди“.
Министерството за образование денеска соопшти дека околу 27 функционери од државниот издавач биле укорени или отпуштени поради илустрациите кои, како што се вели, не ги исполнувале основните барања за морално образование.
„Севкупниот стил на илустрациите не е во согласност со естетските вкусови на јавноста“, порачаа од Министерството. „Некои од илустрираните ликови се грди, покажуваат слаб дух и стил и не одразуваат позитивна слика за децата на нашата нација“, стои во соопштението.
Книгите за основно образование на People's Education Press во мај предизвикаа негодувања на кинеските социјални мрежи поради цртежите на ученици со мали очи кои некои ги нарекоа расистички, очигледниот приказ на машки гениталии на панталоните на едно од момчињата, како и децата облечени во облека со ѕвезди и пруги, што беше видена како про-американска облека.
Во мај, најголемиот издавач на учебници во земјата објави јавно извинување на својот официјален налог на „Вичет“ (WeChat), откако му беше наредено да ги редизајнира своите материјали, почнувајќи од септември.
Кина ја зајакна контролата врз своите учебници и наставната програма во последниве години за да го засили патриотизмот кај младите. Владата направи потег за забрана на учебници од странски издавачи и обучуваше основци и средношколци во духот на идеолошките учења на претседателот, Кси Џинпинг.
Министерството за образование соопшти дека издавачот не ја сфатил целта на образовните текстови. Институцијата се обврза дека ќе го зајакне раководството во Комунистичката партија во однос на наставните материјали за да се осигура дека тие секогаш ќе се придржуваат до „правилната политичка насока и вредносна ориентација“.