Заедничка координација на владите на Македонија и на Унгарија за преземање конкретни активности за обезбедување енергетска безбедност на двете земји и сигурност во снабдувањето со гас била договорена на денешниот работен состанок на министерот за економија Крешник Бектеши со унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто.
Tема на состанокот, на кој присуствувале и генералниот директор на АД „НОМА гас“, Бајрам Реџепи, и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, како што соопшти Министерството за економија, била таксата за рускиот гас која што ја наметна Република Бугарија.
Двајцата министри разговарале за следните чекори што ќе се преземат за отстранување на таксата за рускиот гас што ја наметна Бугарија, која, како што се согласиле, е нелегална и е непријателски чин.
„Целосно сме посветени на решавање на проблемот што го наметна Бугарија со воведувањето на таксата за рускиот гас и на наоѓање заедничко решение преку координирани активности на сите засегнати страни. Северна Македонија ги поддржува сите иницијативи за решавање на настанатиот проблем“, истакнал Бектеши на состанoкот.
Министрите Бектеши и Сијарто се согласиле дека диверзификација на изворите за снабдување со гас е крајната цел на која двете земји ќе работат заеднички во наредниот период.
Унгарија е помеѓу првите десетте трговски партнери на Македонија и, како што истакнува Министерството за економија, е значаен политички и економски партнер и странски инвеститор во земјава, со нагорен тренд на трговската размена и континуиран суфицит на извозот од наша страна.