Пазари

Анемија на берзата - дивидендите не можат со високите камати

Автор: Александра Томиќ

9 март 2023, 07:06

Од почетокот на годината стапи во сила Законот за оданочување капитални добивки

Инвестирањето во акции е ставено во неповолна состојба

Пазарната капитализација на компаниите на берзата во февруари изнесува 3,58 милијарди евра

Македонска берза

Динамиката на тргување на Македонската берза чувствително забрза во февруари годинава, ама растот на вкупниот промет го билдаат блок трансакциите, кои ги немаше во првиот месец од годината. Поминаа два месеца берзанско тргување во кое за инвеститорите во Македонија важат нови даночни правила, па анализираме кои се клучните карактеристики на домашниот пазар на капитал во овој период.

Од почетокот на годината стапи во сила Законот за оданочување капитални добивки. Ова е време и на предизвици за глобалната економија и доста агресивна политика на затегнување, која ја применуваат централните банки во обид да ја зауздат растечката инфлација. 

„Несреќен момент за воведување на данокот“, вели за „Блумберг Адрија“ Филип Петрушевски, извршен директор на Инвестброкер, и додава дека во вакви околности ова било најмалку посакувано сценарио.

„Во време на висока инфлација, кога Народната банка релативно агресивно ја зголемува каматната стапка, инвестирањето во акции е ставено во неповолна состојба, дополнително затоа што за разлика од акциите, добивката од каматата за штедењето во банка не се оданочува“, додава Петрушевски.

Пазарната капитализација на компаниите на берза во февруари изнесува 3,58 милијарди евра и е за 0,17 проценти поголема на месечна основа. Вкупниот промет што беше остварен во февруари е за 12,5 проценти поголем од јануарскиот, ама во услови на промет што е остварен низ блок трансакции.

BloombergAdria.com

 

„Во Хрватска во последните две недели се забележува некое заздравување, индексот CROBEX е на највисоко ниво во последните шест години, а и прометот се подобри. Мислам дека сепак има некоја внимателност на инвеститорите, а падот на цените на суровините и на енергијата ќе придонесе за подобар перформанс“, вели Гажиќ.

Февруари е месец на објава на годишни извештаи и најави за исплата на дивидендите, но колку позитива на пазарот може да внесе добар резултат? Познавачите се сомневаат.

„Извештаите на компаниите се добри, но и евалуациите на дел од акциите се исто така на доста високо ниво. Дивидендните приноси се пристојни, но веќе не толку атрактивни во споредба со каматните стапки. Не би рекол дека е намален интересот, туку пристапот на инвеститорите до сите светски пазари е сериозна конкуренција за тргувањето на Македонската берза“, вели Петрушевски.

Глобално, завчерашниот говор на Џерем Пауел, претседателот на Федералните резерви (ФЕД) на САД, со кој остави отворен пат за повеќе зголемувања и повисоки камати од очекуваното за да се скроти инфлацијата, резултира вчера со пад на индексите на светските берзи. Индексот S&P 500 загуби 1,5 процент, а технолошкиот индекс Nasdaq 100 падна за 1,2 процент. Негативниот тренд продолжи и на тргувањето на азиските пазари. 

BloombergAdria.com

 

Пауел рече дека ФЕД веројатно ќе ги подигне каматните стапки повисоко отколку што се мислеше и дека по неодамнешната низа на жешки податоци за работните места во САД, како и тие за инфлацијата, се подготвени да го забрзаат темпото на зголемувања доколку е потребно.

Инаку, почетокот на март донесе малку оптимизам на светските берзи. Во САД позитивното чувство на пазарот на акции беше поддржано и од коментарите на претставници на Банката на федерални резерви (ФЕД) дека централната банка би можела да биде во позиција да го паузира зголемувањето на каматните стапки некаде ова лето. Сепак, последниот говор на Пауел ја смени оваа насока.