Пазари

Мал минус на берзанските индекси по вчерашниот значителен раст

Извор: Tassia Sipahutar/Bloombe

26 мај 2023, 10:14

Индексот S&P 500 утрово падна за 0,2 проценти, откако вчера порасна за 0,9 отсто

По вчерашниот значителен раст од дури 2,5 отсто, технолошкиот индекс Nasdaq 100 сега падна 0,2 отсто

Во Азија нема големи промени на берзанските индекси и тие се движат од минус 0,1 до плус 0,2 отсто

Bloomberg Mercury

Мерачот на азиските акции е на пат да ја прекине тридневната серија на загуби, поттикната од технолошкиот сектор, додека фјучерсите на американските акции се лизнаа откако претходно акциите на компаниите за вештачката интелигенција поттикнаа остар раст.

Индексот S&P 500 утрово падна за 0,2 отсто, откако вчера порасна за 0,9 отсто. По вчерашниот значителен раст од дури 2,5 отсто, технолошкиот индекс Nasdaq 100 сега падна за 0,2 отсто. Во Азија нема големи придвижувања на берзанските индекси, односно тие се движат во распон од минус 0,1 до плус 0,2 отсто. Референтните индекси пораснаа во Јапонија, Јужна Кореја, Индија и Австралија, додека тие за континентална Кина паднаа. Пазарот во Хонгконг денеска е затворен поради државен празник.

Ова беше втор ден на добивка за акциите на чипови во регионот по зголемената прогноза за продажба од „Енвидија“ (Nvidia Corp.), што предизвика голем интерес за вештачката интелигенција. Растот на акциите на компаниите за вештачка интелигенција продолжи по неколку часа во САД, кога „Марвел технолоџи“ (Marvell Technology Inc) предвиде дека приходите од технологијата во 2024 година најмалку ќе се удвојат од пред една година. Претходно, акциите на „Енвидија“ пораснаа за 24 проценти, што ја придвижи компанијата до врвот на пазарната вредност од една илјада милијарда долари.

Мерачот за јачината на доларот опадна бидејќи инвеститорите продолжија да ги анализираат сигналите од разговорите за плафонот на американскиот долг, со оглед на тоа што времето минува, а целта е да се избегне неисполнување на обврските. Така, доларот и еврото сега се тргуваат по курс од 1,0739 долар за евро. 

Преговарачите на републиканците и на Белата куќа се поблиску до договор за зголемување на лимитот на долгот и ограничување на федералните трошоци за две години. Приносите од државните обврзници паднаа во азиското тргување, откако вчера нагло се зголемија. Особено се намалија приносите на тие државни обврзници што требаше да достасаат на почетокот на следниот месец, истовремено покажувајќи дека инвеститорите и натаму бараат премија на хартиите од вредност што се сметаат за најмногу изложени на ризик од неплаќање доколку владата го исцрпи својот капацитет за задолжување.

Разговорите за плафонот на долгот во Вашингтон ги зголемуваат ризиците што ги оценуваат претставниците на ФЕД додека размислуваат за паузирање на зголемувањето на каматните стапки. Облозите за покачување од уште една четвртина процент во текот на следните два состанока дојдоа во услови на мешани податоци во четвртокот, вклучувајќи и повисок ревидиран БДП во првиот квартал и помала бројка од очекуваните барања за невработеност.

„Пазарот е толку фиксиран кон следниот чекор во врска со стапката наместо да се фокусира на тоа дека ние сме многу блиску до врвот на циклусот на раст на каматните стапки“, рече Џун Беи Лиу, менаџер за портфолио во „Трибека“ (Tribeca Investment Partners) во разговор за телевизијата „Блумберг“.

На другите пазари, златото порасна за 0,3 проценти, на 1.948,08 долари за унца. Бакарот и железната руда ги надминаа клучните нивоа оваа недела, повлекувајќи го нагоре и индексот на стоки на „Блумберг“.

Најголемиот токен, биткоинот, утрово падна за 0,2 отсто, на 26.430,41 долари, а за исто толкав процент падна и етерот, но цената на оваа криптовалута е 1.806,02 долари.