Клучните членки на ОПЕК+ имаат намера во наредните месеци да продолжат со серијата зголемувања на нафтените квоти и до крајот на септември, барем на хартија, да го завршат враќањето на еден дел од прекинатото производство, изјавија делегати.
Групата веќе формално се согласи да обнови околу две третини од намалувањето на понудата од 1,65 милион барели дневно, кое го спроведе уште во 2023 година. Таа планира дополнително да ги зголеми целите и да го врати и преостанатиот дел во уште три месечни чекори, иако клучните членки всушност не можат да ги реализираат тие зголемувања додека војната со Иран го блокира извозот од Персискиот Залив, наведоа трojца делегати, кои побарале да останат анонимни бидејќи процесот е приватен.
Прочитај повеќе
ОПЕК+ демонстрира стабилност со скромно зголемување на производството
Зад договорот стојат тензии, ограничувања и неизвесност околу Ормускиот теснец кои и понатаму го држат нафтениот пазар под притисок.
03.05.2026
Излегувањето на Емиратите од ОПЕК се заканува да ја разниша контролата врз нафтата
Шокантната одлука на Обединетите Арапски Емирати (OAE) да го напуштат ОПЕК ги затече нивните партнери од последните шест децении. Сега картелот ќе мора да се бори да остане релевантен на променливиот светски пазар на нафта.
29.04.2026
Алијансата, предводена од Саудиска Арабија и Русија, спроведува скромни и главно симболични зголемувања на понудата за време на војната. Сепак, на светот итно му е потребна дополнителна нафта за да се пополни недостигот настанат поради конфликтот, кој создаде кумулативен дефицит од повеќе од милијарда барели и ги испразни глобалните резерви со рекордно темпо. Тој шок доведе до остар раст на цените на горивата, зголемувајќи го ризикот од глобална рецесија.
Пред избувнувањето на војната меѓу американско-израелската алијанса и Иран на 28 февруари, осум клучни членки на Организацијата на земјите извознички на нафта и нивните партнери беа во процес на враќање на производството на сурова нафта, кое беше прекинато пред неколку години, кога се обидуваа да се справат со вишокот понуда.
ОПЕК+ и саудиското Министерство за енергетика не одговорија на барањата за коментар.
Од почетокот на месецов бројот на членки во подгрупата е намален за една, откако Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) одлучија да го напуштат ОПЕК по децении членство, поради тензии со лидерот на групата, Саудиска Арабија, околу ограничувањата за тоа колку земјите смеат да произведуваат.
Заминувањето на Абу Даби не ги спречи преостанатите седум членки на последната месечна видеоконференција на 3 мај да потврдат уште едно скромно и „теоретско“ зголемување од 188.000 барели дневно за јуни. Следниот состанок, на кој ќе се разгледуваат производствената политика за јули и можните понатамошни чекори, е закажан за 7 јуни.
Исклучувањето на Емиратите теоретски отстранува околу 144.000 барели дневно од првичниот план за намалување од 1,65 милион барели дневно.
Војната моментално ја спречува коалицијата да ги реализира планираните зголемувања договорени претходните месеци, бидејќи принуди повеќе земји од Блискиот Исток да затворат големи делови од производството додека Ормускиот Теснец е практично блокиран.
Саудиска Арабија до секретаријатот на ОПЕК+ во Виена пријавила дека нејзиното производство дополнително паднало во април на само 6,3 милиони барели дневно, што е најниско ниво од 1990 година, се наведува во месечниот извештај на организацијата објавен во средата. Производството на Кувајт паднало на само четвртина од нивото пред војната, додека и Ирак и Емиратите претрпеле значителни загуби.
Сепак, двојната криза од војната и неочекуваното излегување на ОАЕ не ја спречуваат алијансата да планира долгорочна иднина.
ОПЕК+ и понатаму спроведува ревизија на максималните производствени капацитети на членките, нарачана минатата година, со цел квотите попрецизно да се усогласат од 2027 година, изјавија тројцата делегати. Процената ја изработува консултантската компанија „Деголиер и Мекнотон“ (DeGolyer and MacNaughton) од Далас.