По силниот двоен земјотрес што ја погоди Венецуела, бројот на загинати се искачи на 235 лица, а повеќе од 4.300 се повредени, додека спасувачките екипи и натаму трагаат по преживеани под урнатините на десетици срушени објекти. Земјотресите со јачина од 7,2 и 7,5 степени според Рихтеровата скала ја погодија земјата во средата вечерта во интервал од само една минута, предизвикувајќи големи разурнувања, особено во крајбрежниот регион Ла Гваира.
Министерот за здравство Карлос Алварадо изјави дека болниците во најпогодените подрачја работат со максимален капацитет, поради што се поставуваат и полски болници за згрижување на повредените. Властите соопштија дека повеќе од 250 згради се оштетени само во Ла Гваира, регион кој се граничи со главниот град Каракас и во кој се наоѓа главниот меѓународен аеродром „Симон Боливар“, кој претрпел сериозни оштетувања. Последици од земјотресите се регистрирани и во најмалку уште пет венецуелски сојузни држави.
Голем дел од погодените области останаа без електрична енергија, вода и снабдување со гас поради серијата последователни потреси што продолжија и во текот на ноќта. Иако нафтените постројки главно останале во функција, оштетен е еден терминал за товарење нафта во близина на епицентарот, а привремено се суспендирани и дел од операциите во терминалот Ел Палито во државата Карабобо.
Прочитај повеќе
Бројот на загинати во Венецуела достигна 164, се прошируваат спасувачките акции
Разорните земјотреси во Венецуела однесоа најмалку 164 животи, а властите предупредуваат дека бројот на жртви може да расте. На помош доаѓаат спасувачките тимови од САД, од останатите латиноамерикански држави и од Катар.
пред 14 часа
Вонредна состојба во Венецуела по разорниот двоен земјотрес
Два разорни земјотреси за помалку од една минута ја завија Венецуела во црно - десетици загинати, стотици повредени и урнати згради низ повеќе региони.
25.06.2026
Во меѓувреме, меѓународната заедница започна со испраќање хуманитарна помош. Авиони со помош веќе полетаа од САД, Шпанија, Мексико, Катар и Обединетите нации, додека спасувачки тимови се очекуваат и од Колумбија, Панама, Доминиканската Република и Ел Салвадор. Помош најавија и Кина, Бразил и повеќе карипски држави.
Владата најави формирање почетен фонд од 200 милиони долари за обнова на инфраструктурата, болниците и станбените објекти, како и дополнителен фонд за поддршка на погодените граѓани. Планирано е активирање и на специјални кредитни линии преку јавните и приватните банки за лицата кои ги загубиле своите домови, работни места или бизниси.
Во Каракас многу жители ја поминаа ноќта на отворено, стравувајќи од нови потреси, додека спасувачките екипи продолжија со расчистување на урнатините. Градоначалничката Кармен Мелендез соопшти дека во главниот град се урнале најмалку три згради, при што досега се потврдени најмалку 25 жртви.
Катастрофата дополнително ќе ја оптовари венецуелската економија, која веќе се соочува со висока инфлација и чести прекини во снабдувањето со електрична енергија. Во исто време, финансиските пазари негативно реагираа на развојот на настаните, при што државните обврзници на Венецуела забележаа пад поради стравувањата од економските последици и капацитетот на државата да се справи со кризата. Компанијата „Шеврон“, најголемиот приватен производител на нафта во земјата, соопшти дека нејзините операции продолжуваат нормално и дека сите нејзини вработени се безбедни.