Бројот на загинати во Венецуела расте откако два последователни земјотреса во средата го погодија западниот дел од главниот град, уривајќи згради и предизвикувајќи сериозни оштетувања на главниот меѓународен аеродром во земјата.
Во природната катастрофа загинаа најмалку 164 лица, а повеќе од 1.000 се повредени во земја чиј капацитет за итни интервенции е ограничен поради долгогодишната политичка и економска криза. Во тек е проценка на материјалната штета, додека спасувачките екипи се обидуваат да стигнат до луѓето затрупани под урнатините, особено во најтешко погодената сојузна држава Ла Гуаира на централниот брег.
Вршителката на должност претседател Делси Родригез во четвртокот изјави дека властите сѐ уште ја проценуваат состојбата во погодените подрачја. Според властите, земјотресите погодиле најмалку шест венецуелски сојузни држави.
Прочитај повеќе
Вонредна состојба во Венецуела по разорниот двоен земјотрес
Два разорни земјотреси за помалку од една минута ја завија Венецуела во црно - десетици загинати, стотици повредени и урнати згради низ повеќе региони.
пред 12 часа
Каква иднина ѝ претстои на венецуелската нафта?
Венецуела крие „преголеми ресурси“ на нафта, но индустријата е во распад. Трамп гледа стратегиска игра – големите нафтени компании внимаваат, ризикот е огромен, а наградата потенцијално колосална.
08.03.2026
Сојузниците на Русија се жалат дека Путин изостанал во клучниот момент
Венецуела, Куба и Иран ја преиспитуваат довербата во Москва поради изостанатата поддршка во клучни безбедносни кризи.
14.01.2026
Трамп го откажа вториот напад врз Венецуела, вели „земјата соработува“
Трамп порача дека уште еден воен напад врз Венецуела засега не е потребно, наведувајќи „добра соработка“ со тамошните власти.
09.01.2026
На многу места имаше прекин во снабдувањето со електрична енергија, вода и гас поради продолжените последователни потреси. Сепак, нафтените постројки во Венецуела, според првичните информации, функционираат нормално.
Владата ќе формира почетен фонд за обнова од 200 милиони долари, користејќи средства од Меѓународниот монетарен фонд, за поправка на инфраструктурата, болниците и домовите, изјави Родригез за државната телевизија. Властите разговараат и за дополнителен фонд за поддршка на жртвите, додека државните и приватните банки ќе активираат посебни кредитни линии за луѓето кои ги изгубиле своите бизниси или работни места.
„Овој фонд ќе ни овозможи да ја обновиме инфраструктурата, болниците и да изградиме домови за оние што ги загубија своите“, рече Родригез, додавајќи дека владата ќе изнајми механизација од приватниот сектор за поддршка на спасувачките операции.
Во Ла Гуаира, најтешко погодениот регион, снимките покажуваат згради претворени во урнатини и големи оштетувања на Меѓународниот аеродром „Симон Боливар“ во Маикетија, поради што беше затворен. Родригез изјави дека властите сѐ уште не можат да дадат конечен број на жртви во оваа сојузна држава.
Владата отвори 20 здравствени центри во Каракас за лекување на повредените, а платформите за превоз „Јами“ (Yummy) и „Рајдери“ (Ridery) нудат бесплатен превоз до болниците и клиниките. Граѓаните, исто така, соопштија дека повторно можат да пристапат до платформата Икс, откако социјалната мрежа беше блокирана во 2024 година.
Силен земјотрес ја погоди Венецуела
Спасувачките тимови се очекува да почнат да пристигнуваат од САД, Колумбија, Мексико, Панама, Доминиканската Република, Ел Салвадор и Катар. Родригез изјави дека и Кина, Бразил и неколку карипски земји, исто така, ветиле помош.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД „се подготвени, имаат волја и капацитет“ да помогнат. „Им наложив на сите владини агенции да бидат подготвени да реагираат што е можно побрзо“, напиша тој доцна во средата на социјалните мрежи.
Чиле, земја што често се соочува со земјотреси, испраќа хуманитарна помош и спасувачки тимови, соопшти претседателот Хозе Антонио Каст во објава на Икс, додавајќи дека во четвртокот наутро телефонски разговарал со Родригез. Овој редок контакт покажува дека кризата засега ги потиснува политичките тензии, при што претседателката на Венецуела ѝ се заблагодари и на соседна Гвајана за поддршката, и покрај спорот околу спорната територија.
Меѓународната организација за миграција при Обединетите нации соопшти дека мобилизира итни засолништа, вода, санитарни и хигиенски средства, здравствени услуги и неопходни непрехранбени производи за погодените семејства, истовремено помагајќи раселеното население да ја добие потребната заштита и помош.
Во четвртокот наутро, американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека САД испраќаат тимови за пребарување и спасување, медицинска опрема и хуманитарна помош во Венецуела.
„Аеродромот таму е сериозно оштетен, па ќе мора да се потпреме на Министерството за војна за да ги распореди потребните ресурси“, им рече Рубио на новинарите во Бахреин.