text size
Ретко целосно затемнување на Сонцето во среда ќе помине над дел од Европа, привлекувајќи илјадници посетители кои ќе имаат можност да го набљудуваат феноменот при кој Месечината целосно го покрива Сонцето гледано од одредени делови на Земјата. Настанот го претвора денот во темнина слична на ноќ и предизвикува пад на локалната температура.
Руралните населби во Шпанија и Исланд, каде што затемнувањето ќе биде највидливо, се претворија во туристички центри преполни со посетители. Цените на некои хотелски соби достигнуваат и до 7,5 пати повисоки нивоа од вообичаените. Сопствениците на домови изнајмуваат тераси, дворови и обработливо земјиште за илјадници евра во траење од само неколку часа, а телекомуникациските компании ги засилуваат своите мрежи за да се справат со напливот на гости.
Затемнувањето носи досега невидени толпи во слабо населената внатрешност на Шпанија. Според „Ер ди-ен-еј“, местата што се наоѓаат на патеката на затемнувањето ќе имаат околу 15 процентни поени повисока пополнетост на сместувачките капацитети на 12 август во споредба со другите делови на земјата. Истражување направено за „Ер-би-ен-би“ проценува дека посетителите ќе потрошат околу 362 милиони евра во руралните подрачја на Шпанија во неделата околу настанот.
Во Исланд, исто така според „Ер ди-ен-еј“, побарувачката за сместување во најдобрите области за набљудување е за околу еден процентен поен поголема од лани, додека во останатиот дел од земјата се очекува пад од речиси осум процентни поени.
Возбудата ја одразува реткоста на овој небесен настан. За Шпанија, ова е првото целосно затемнување на Сонцето видливо од поголемиот дел на копното по повеќе од 120 години. Во Исланд, последното целосно затемнување се случило во 1954 година.
Бидејќи затемнувањето ќе се случи непосредно пред зајдисонце во Шпанија, се очекува спектакуларна глетка. Според Европската вселенска агенција, Сонцето ќе изгледа поголемо од вообичаено и ќе биде ниско над западниот хоризонт.
„Навистина извонредно е тоа што целиот пејзаж одеднаш се менува“, вели Рафаел Бачиљер, директор на Националната астрономска опсерваторија на Шпанија.
Bloomberg Mercury
„Светлината добива нереален квалитет, температурата опаѓа, хоризонтот изгледа како да нè опкружува со самрак од 360 степени, а на небото почнуваат да се појавуваат некои од најсветлите планети и ѕвезди.“
Меѓу посетителите има и таканаречени „ловци на затемнувања“. Еден од нив е 29-годишниот мексикански фотограф и креатор на содржини Иван Израел Круз Флорес, кој планира да го следи затемнувањето од замок од 12 век во Кампиљо де Дуењас, во шпанската покраина Гвадалахара.
Тој вели дека досега потрошил околу 27.000 долари, од кои 7.000 за патувањето и 20.000 за специјализирана фотографска опрема.
„Сè почна пред две години кога го видов моето прво целосно затемнување во Масатлан, Мексико. Луѓето сакаат да викаат, да плачат, полудуваш од возбуда, прекрасно е“, вели тој. „Тоа беше најневеројатното искуство во мојот живот. Тогаш решив дека ќе направам сè што можам за да видам што е можно повеќе целосни затемнувања.“
Во Мединасели, средновековно село со помалку од 700 жители, хотелот „Мединасалим“ наплаќа 900 евра за ноќта на 12 август, во споредба со вообичаените околу 120 евра.
На шпанската платформа„Валапоп“ се нудат приватни тераси, станови и градини за гледање на затемнувањето. Еден оглас во Салоу нуди приватна тераса за најмногу пет лица за 1.000 евра за три часа, со послужување пенливо вино, додека апартмани во покраината Леон достигнуваат цена и до 5.000 евра за една ноќ.
Компаниите креираат и премиум искуства. Операторот на балони „Глобус контики“вовел дополнителни летови поради големиот интерес и сите места веќе се распродадени. Само летот за затемнувањето чини 550 евра по лице, во споредба со околу 160 евра за стандарден лет.
Во Исланд сместувачките капацитети долж патеката на затемнувањето се целосно пополнети. Туристичкиот одбор проценува дека на тој ден ќе има по еден турист на секои шест Исланѓани.
Организацијата „Круз Исланд“ соопшти дека околу 30 крузери ќе се наоѓаат покрај брегот на земјата во денот на затемнувањето, носејќи околу 50.000 патници, што е трипати повеќе од вообичаеното.
Во оддалечениот регион Вестфјордс, каде затемнувањето ќе трае најдолго, повеќе од две минути, сите соби во хотелот „Бридавик“ се резервирани.
Таа подготвила рибја чорба и јагнешки гулаш за околу 800 луѓе, бидејќи и камповите околу хотелот се целосно исполнети.
Затемнувањето ги принудува компаниите и локалните власти да инвестираат во дополнителна инфраструктура. Иако целиот настан трае помалку од два часа, целосниот мрак ќе трае само неколку минути.
Шпанскиот телекомуникациски оператор „Телефоника“ активирал специјален оперативен план што вклучува повеќе од 200 точки за оптимизација на мрежата по должина на патеката на затемнувањето и дополнителна мобилна инфраструктура.
Во Исланд се поставени заштитни бариери, мобилни базни станици и дополнителни санитарни јазли, а бројот на спасувачки и итни служби е зголемен.
Шпанската влада усвои специјален безбедносен и цивилен план за настанот и ги советува посетителите да носат готовина во случај преоптоварените мобилни мрежи да предизвикаат проблеми со електронските плаќања.
Во Шпанија бесплатно се дистрибуирани околу два милиони сертифицирани очила за затемнување, а потрошувачката организација предупреди граѓаните да купуваат само проверени производи со CE-ознака поради појавата на фалсификати на пазарот.
Според научниците, Исланд ќе треба да чека околу 170 години за следното целосно затемнување на Сонцето. Шпанија, пак, веќе се подготвува за уште едно целосно затемнување следната година, а во 2028 година ќе биде сведок и на прстенесто затемнување.
Туристичките власти се надеваат дека редок циклус од три затемнувања ќе ја позиционира Шпанија како една од водечките европски дестинации за астротуризам.
„Тие кратки моменти на целосна темнина не можат да се споредат со ниту едно друго искуство на набљудување на небото“, вели Рафаел Бачиљер. „Затоа толку многу луѓе повторно патуваат илјадници километри. Тие не сакаат само повторно да го видат затемнетото Сонце, туку да ја доживеат истата емоција што знаат дека не може да се повтори на друг начин.“