text size
Цените на нафтата повторно растат откако Иран соопшти дека извршил нови одмазднички напади, додека Израел порача дека е подготвен да го засили своето учество во војната, зголемувајќи ги ризиците за непреченото снабдување со енергенти од регионот.
Фјучерсите на северноморската нафта брент се тргуваа близу 97 долари за барел, на највисоко ниво од крајот на јули, пред дел од добивките да бидат намалени. Во претходните три трговски сесии брент поскапе за повеќе од 8 отсто. Американската нафта ВТИ WTI се искачи над 92 долара за барел.
Иранската војска во четвртокот соопшти дека со ракети и беспилотни летала гаѓала американски бази во Кувајт и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), објави државната новинска агенција, повикувајќи се на соопштение на армијата. Кувајт соопшти дека одговорил на ракетните и дронски закани, додека ОАЕ засега немаат објавено информации за инциденти.
Прочитај повеќе
Зошто Трамп не успева да ја уништи иранската економија?
Блокадата на САД го прекина извозот на нафта на Иран и ја продлабочи неговата валутна и инфлаторна криза, но децениското искуство со санкциите му помага на Техеран да избегне економски колапс.
пред 4 часа
Трамп: Нападите врз Иран ќе бидат краткотрајни
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека обновените напади врз Иран веројатно ќе бидат краткотрајни, повторувајќи го своето тврдење дека Вашингтон го контролира Ормускиот Теснец,
пред 5 часа
Конфликтот меѓу САД и Иран се интензивира, Трамп ја минимизира желбата за договор
Конфликтот меѓу САД и Иран нагло ескалираше, при што американските сили извршија нов бран напади, а Иран соопшти дека возвратил.
02.09.2026
Шји испраќа порака дека нема да се покори додека САД се закануваат со санкции
Владата на Шји Џјинпинг испраќа порака на пркос кон Доналд Трамп во врска со економските врски на Кина со Иран.
25.08.2026
Во меѓувреме, Израел сигнализираше дека е подготвен да се врати во борбите доколку тоа биде неопходно. Израелскиот министер за одбрана Израел Кац предупреди дека евентуален ирански напад врз Израел би го ослободил Израел од сите постојни ограничувања во одговорот против режимот во Техеран.
„Ќе ја нападнеме целата национална, воена и цивилна инфраструктура - вклучително и енергетската инфраструктура - и ќе го вратиме Иран длабоко во каменото доба“, предупреди Кац.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно, на прашањето колку долго би можела да трае обновената американска бомбашка кампања, изјави дека „не мисли дека ќе трае предолго“, но додаде дека САД „се подготвени за уште една“.
Новите американски напади уследија по неколкунеделен период на релативен мир, а Иран возврати со напади врз американски бази низ Блискиот Исток.
Последиците од влошувањето на конфликтот врз снабдувањето со гориво веќе се чувствуваат и во САД. Цените на дизелот се искачија на највисоко ниво од средината на 2022 година. Националната просечна цена на дизелот на бензинските пумпи во средата достигна 5,783 долари за галон, надминувајќи го претходниот воен максимум забележан во април, според Американската автомобилска асоцијација.
Американската војска во вторникот придружувала 40 пловни објекти со 18 милиони барели нафта низ Ормускиот Теснец, објави „Си-ен-ен“, повикувајќи се на две официјални лица запознаени со ситуацијата. Американскиот министер за енергетика Крис Рајт изјави дека во понеделникот низ теснецот биле извезени 17 милиони барели нафта, при што вкупниот проток во просек изнесува околу осум милиони барели дневно.
Сепак, ниту САД ниту Иран не покажуваат подготвеност да седнат на преговарачка маса откако во јуни пропадна привремениот мировен договор.
Цената на суровата нафта годинава е зголемена за околу 60 отсто, додека рафинираните производи, како дизелот, поскапуваат уште побрзо поради конфликтот на Блискиот Исток и војната меѓу Русија и Украина.
„Тоа е збир од сите стравови“, изјави Арне Ломан Расмусен, главен аналитичар во ГРМ (Global Risk Management) во Копенхаген. Според него, пазарот е сè позагрижен поради можноста за воена конфронтација во услови кога Ормускиот Теснец би можел да остане затворен подолго време.
„Војната лесно би можела да се прошири, како во март, на целиот Блиски Исток“, предупреди Расмусен.
Дополнителен сигнал доаѓа и од американските залихи на сурова нафта. Тие минатата недела се намалиле за речиси 4,5 милиони барели, што е прв пад од крајот на јули, покажуваат податоците на Управата за енергетски информации на САД.