Откако Институт за јавно здравје претходно даде насоки за подготовка до граѓаните, здравствените лица и угостителските објекти во контекст на тековното исклучување на вода во Скопје, денеска преку соопштение дава препораки за граѓаните откако ќе биде пуштена водата во водоводната мрежа.
„Имајќи предвид дека е најавен прекин на водоснабдувањето, населението треба да биде запознаено и информирано дека ризиците по здравјето на населението може да се јават не само за време на недостигот од вода туку, дури и да се зголемат после пуштањето на водата за пиење во водоводната мрежа односно по отстранување на дефектот“, се наведува во соопштението на ИЈЗ.
Како превентивни јавно-здравствени мерки и мерки на внимателност Институтот за јавно здравје препорачува:- Граѓаните да не ја пијат веднаш водата по нејзиното пуштање во водоводната мрежа зашто контактното време на резидуалниот хлор и водата во мрежата (време потребно резидуалниот хлор да почне да делува врз микробиомот присутен во водата), во услови на пониски амбиентни температури може да потрае и до 1 час; - Може да се очекува водата за пиење по пуштањето во водоводната мрежа да ја промени бојата, добие невообичаен мирис, да има видлива заматеност или евентуално страни тела (ситни зрнца песок или инсект и сл.). Во таков случај, повторно се препорачува истата да не се пие сè до момент на стабилизација на тие органолептички својства (боја, мирис, вкус, заматеност); - Непосредно после доаѓањето на водата во водоводните цевки во домовите, потребно е да се испуштат СИТЕ чешми во домот да истечат неколку минути, па да се провери дали органолептичките својства се во ред, па дури потоа да се пие; - По добро истекување на водата, потребно е почесто и добро да се исчистат мрежичките на чешмите (во средство за чистење бања или бел оцет); - Како дополнителна мерка на внимателност се препорачува, доколку граѓаните сепак одлучат веднаш да ја пијат водата, истата да се преврие многу кратко (1 -2 минути), потоа да се разлади и консумира; - Граѓаните треба да имаат предвид дека превриената вода го губи благопријатниот вкус. Истиот може да се подобри доколку водата се претура од една во друга чаша неколку пати, со цел да врзе повеќе кислород од воздухот (процес наречен аерација); - Најдобро е во текот на првите часови после пуштањето на водата во водоводната мрежа, граѓаните сè уште да консумираат пакувана вода, сè до добивањето на известување од јавното претпријатие дека водата е исправна и безбедна за консумација; - Во однос на водата за капење, препорачуваме после доаѓањето на водата во водоводната мрежа, задолжително да се зголеми температурата на водата во бојлерите (во кујна, бања и сл.), со цел дополнително превентивно термичко уништување на бактериите доколку потенцијално навлегле во водоводната мрежата; - Најдобро е температурата на топлата вода во чешмите да биде над 55 С, сепак потребна е мерка на внимателност да не дојде до изгореници особено кај мали деца или повозрасни лица. |
Прочитај повеќе
Скопје од вечерва останува без вода, граѓаните добија препораки за снаоѓање
Ќе се поправа дефект на главната цевка, а колку точно време главниот град ќе биде без вода не се знае.
20.12.2024
Македонија го губи најскапоцениот ресурс
Речиси половина од водните претпријатија работат со финансиска загуба.
22.07.2024
Инаку, поголем дел од Скопје од вчера вечер е без вода за пиење поради тоа што „Водовод и канализација“ презема активности за санација и децениски задоцнета модернизација на главниот градски водовод.
„За оваа цел изготвен е оперативен план со кој се предвидува прецизна постапка за овој зафат со цел брзо и ефикасно завршување на ваквиот потфат“, соопшти вчера јавното претпријаие.
Главна цел на овој оперативен план е подобрување на водоснабдувањето и притисокот во Општина Ѓорче Петров и Карпош, со репарација на 6 сегменти каде во изминати децении се нотирани огромни загуби вода.
„Со затварање на главниот градски цевковод Ф1600мм поради санација на 5 затварачи по должина на оваа линија на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до раскрсницата на булевар Партизански одреди со ул. Никола Парапунов ќе се изврши замена на нефункционален затварач Ф 400мм на кружен тек во Ѓорче Петров, репарација на затварач Ф600мм на мост Обединети нации кој тече, заптивање на затварач Ф700мм на булевар Партизански Одреди кој протекува и замена на затварач Ф150 кој се наоѓа во истата шахта, санација на затварач Ф700мм и Ф500мм на ул. Никола Парапунов и замена на 4 водушни вентили“, информираа од претпријатието.
Се очекуваше оваа операција да заврши за помалку од 15 часа во кои најмногу време се одвојува за празнење и полнење на магистралниот водовод.
„Апелираме до сите јавни чинители да внимаваат во изнесувањето информации и да не предизвикуваат страв и паника кај граѓаните за неколку часовното немање вода. Овој сериозен зафат се превзема за да се превенираат состојби на дефекти како што се тие во Тетово, Битола, Штип и Неготино, каде со денови и недели немаше вода поради несанирани дефекти“, соопшти претпријатието.