Американскиот претседател Доналд Трамп нареди САД да ја паузираат целокупната воена помош за Украина. Исто така Трамп потврди дека во вторник стапуваат во сила новите царини за Канада и за Мексико.
ПОЛИТИКА
Нема воена помош за Украина
Првиот човек на Америка нареди САД да ја паузираат целокупната воена помош за Украина, и тоа само неколку дена по неговата остра расправа со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа. „САД ја запираат целата воена помош додека Трамп не утврди дека украинските лидери демонстрираат приврзаност кон мирот“, изјави висок функционер на американското Министерство за одбрана.
Наредбата се однесува на целата американска воена опрема што моментално не е во Украина, вклучувајќи оружје во транзит во авиони и бродови или кое е на чекање во транзитни области во Полска. Иако обемот на запрените испораки на оружје не е познат, Трамп од поранешниот претседател Џо Бајден наследи овластување да испорача оружје во вредност од 3,8 милијарди долари од американските резерви.
Прочитајте повеќе: Трамп ја прекина воената помош за Украина по судирот со Зеленски
Стапија во сила царините за Канада, Мексико и Кина
Трамп потврди и дека денеска стапуваат во сила новите царини за Канада и за Мексико, и тоа во висина од 25 проценти на целокупниот увоз од двете земји, додека енергентите увезени од Канада ќе бидат оданочени по стапка од 10 проценти. Трамп исто така потпиша уредба за удвојување на царините за Кина на 20 проценти, наведувајќи го како причина неуспехот на Пекинг да се справи со приливот на нелегален фентанил во САД.
Прочитајте повеќе: Стапуваат во сила американските царини за Канада, Мексико и Кина
Кина веднаш возврати со царини од 15 проценти
Царините на Трамп, сепак, веднаш наидоа на остра реакција од Кина. Па така, официјален Пекинг воведе царини од 15 проценти на одредени американски производи и најави тужба пред Светската трговска организација. И Канада, во рамките на првиот круг контратарифи, најави царини од 25 проценти на американска стока во вредност од 21 милијарда долари.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции утрово се тргуваат мешано, пред објавувањето на податоците за невработеноста во еврозоната. Потсетуваме, европските берзи вчерашното тргување го завршија со добивки поради порастот на акциите во секторот за одбрана, откако европските лидери дискутираа за зголемување на воената потрошувачка. Во фокусот на инвеститорите е и ескалацијата на трговската војна, откако САД воведоа нови санкции за Канада, Мексико и Кина.
САД
Истовремено, фјучерсите на американските индекси се тргуваат претежно во црвено, откако американскиот претседател потврди дека денеска стапуваат во сила претходно најавените царини. Неговите коментари ја забрзаа распродажбата на акции, при што индексот S&P 500 вчера ослабе за 1,8 отсто. Во фокусот се и разочарувачките податоци за стагнација на фабричката активност во САД минатиот месец, како и падот на нарачките и вработувањето.
Азија
Кога станува збор за акциите во азиско-пацифичкиот регион, тие се тргуваат претежно со загуби, откако стапија во сила царините на Трамп за Кина. Официјален Пекинг, сепак, веднаш возврати со контрамерки во висина од 15 проценти за одредени американски производи.
Инвеститорите во Азија се фокусираат и на состанокот на народниот конгрес, кој започнува в среда, а на кој се очекува Кина да претстави мерки за поттикнување на економијата.
НАФТА
Цената на нафтата продолжи да паѓа до најниско ниво во последните три месеци, бидејќи царините на администрацијата на Трамп за американските трговски партнери, вклучувајќи ја и Кина, стапија во сила, додека ОПЕК+ најави планови за обновување на запреното производство.
Нафтата брент падна на 71 долар за барел, откако во понеделникот загуби 1,6 отсто од вредноста, додека ВТИ (West Texas Intermediate) беше близу 68 долари. Пекинг веднаш возврати со воведување давачки на американското земјоделско производство, што предизвика загриженост поради острата трговска војна. Царините на стоката од Канада и од Мексико исто така стапија во сила денеска.