Македонските граѓани вчера со неверување ја дочекаа веста за 59 загинати млади лица и над 150 повредени во Кочани, каде завчера во раните утрински часови избувна пожар во дискотеката „Пулс“ за време на концерт на музичката група ДНК. Се претпоставува дека пожарот настанал поради несоодветна употреба на пиротехнички средства за време на концертот, за кој Министерството за внатрешни работи веќе излезе со сознанија дека се одржувал во објект којшто ги немал потребните лиценци за работа како дискотека односно дека дел од нив биле фалсификувани.
Се стравува дека црниот биланс ќе расте
Надлежните вчера соопштија дека над 150 пациенти се згрижени во болниците во државата, но и дека повеќе од дваесетина се во критина состојба. Оттаму соопштија дека веднаш по несреќата, здравствениот систем бил целосно мобилизиран, а сите болнички капацитети биле ставени во функција за да се обезбеди најдобра можна грижа за повредените.
Александар Димитриоски/Bloomberg Adria
Директорката на болницата во Кочани д-р Кристина Серафимова информираше дека загинатите во пожарот во дискотеката се од Скопје, Штип, Пробиштип и од Кочани и блиските општини. Жртвите биле на возраст меѓу 14 и 25 години. Тие биле алармирани за пожарот во раните утрински часови. Првиот повик од дискотека во Кочани поради пожар бил добиен во 2:48 часот.
„Во рок од 30 минути се мобилизира цела болница сите доктори, сите медицински сестри, сите болничари се на работа од три часо наутро. И почнаа да ги носат првите пациенти. Бидејќи имавме помал број на возила се обративме до сите директори во цела источна Македонија, но и до Скопје “, рече директорката на Кочанската болница.
Осомничени дваесетина лица
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера информира дека за трагедијата се осомничени дваесетина лица од кои во полициска станица се приведени 15 лица. Четворица од осомничените се во болница, меѓу кои два члена на музичката група, син на сопственикот на дискотеката и управителот на фирмата.
„Приведено е едно лице кое е организатор на настанот и еден од оние кои имаат директна вина. Приведени се и поранешен државен секретар во Министерството за економија, поранешен раководител на сектор во истото министерство, поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување и тројца вработени од дирекцијата“, информира Тошковски.
МИА
Тошковски соопшти дека фирмата немала валидна лиценца за работа, односно дека две лиценци биле фалсификувани.
Од магацин за теписи - дива дискотека
Јавниот обвинител на РСМ Љупчо Коцевски и обвинителите од тимот што постапуваат на случајот со пожарот во дискотеката во Кочани вчера на прес-конференција соопштија за низа пропусти во однос на работењето на објектот. Објектот немал хидрантска мрежа, ниту хидрант. Немало доволен број на ПП апарати, односно имал само два. Немал две излезни врати, туку само една единечна импровизирана метална врата на задниот дел од објектот, која била заклучена и без квака од внатрешната страна и обложена со гипс картон и звучна изолација. Немало пристап од две страни за ПП возила, согласно правилник за пожари, внатрешноста на објектот бил обложен со гипс картон, но не бил со огноотпорни својства, немало спуштен таван со огноотпорни својства, немало врати со противпожарна отпорност, ниту пак систем за кочење на вратите и известување на присутните за пожар.
Beta/AP Photo/Boris Grdanoski
„Истата била и непрописно обложена со материјали за звучна изолација и за визуелни ефекти со лесно согорливи материјали. Во објектот противзаконски биле користени пиротехнички материјали на висина од три метри без соодветна дозвола и без друштво со овластување за палење на пиротехничките материјали“, изјави Коцевски.
Од увидот на лице место на Државен инспекторат за градежништво и урбанизам констатирано е дека објектот во кој се случила несреќата е регистриран како деловен објект за лесна индустрија со површина од 419 метри квадратни, и не е извршена пренамена на објектот од лесна индустрија во угостителски објект.
„И покрај тоа што за објектот нема пренамена за работа како угостителски објект, истиот има дозвола за работа од Министерството за економија како за угостителски објект издадена уште пред 15 години“, информираше Коцевски.
Според Коцевски, има простор за повеќе видови кривична одговорност кај повеќе лица, меѓудруго за примање поткуп и доведување во животна опасност од големи размери. Тој информира дека ЈО засега бара притвор за десет лица.
Загубена младост
Во земја која има огромен демографски проблем и од која младите си заминуваат секој ден, да се дозволи ваква трагедија е како да им се порачува на цели генерации што побргу да заминат од Македонија. Македонските граѓани вчера се простуваа од жртвите на социјалните мрежи. Меѓу нив, има и познати лица од јавниот живот
Помош од повеќе земји
Најтешко повредени пациенти од пожарот во дискотеката во Кочани ќе бидат пренесени на лекување во странство, изјави вчера министерот за здравство Арбен Таравари. Според него, дел од пациентите ќе бидат транспортирани на лекување во Србија, Бугарија, Турција и Грција, а третман понудиле и од Албанија и Холандија.
Нашите колеги од српската редакција на „Блумберг Адрија“ информираа дека по наредба на српскиот претседател Александар Вучиќ, Министерството за одбрана и вооружените сили на Србија итно испратиле 14 лекари и друг медицински персонал, како и пет возила на Брза помош за да им пружат помош на повредените во пожарот во Кочани, од кои дел ќе бидат згрижени во Србија.
По наредба на премиерот Росен Жељазков, авион „Спартан“ на бугарското воено воздухопловство вчера допатува во Република Северна Македонија кој во бугарските болници ќе превезе пет лица тешко повредени во пожарот во градот Кочани, соопшти бугарската Влада.
Дополнително, итно е ставена во готовност клиничката база во болниците во Софија, Варна и Благоевград за да се примат повредени лица доколку има потреба. Бугарските болници се подготвени да примат уште повредени по координација со властите на Република Северна Македонија, информира Владата во Софија.
Тројца тинејџери со изгореници здобиени во пожарот во дискотеката во Кочани треба да бидат пренесени во болницата „Папаниколау“ во Солун, потврди претседателот на грчката федерација на вработени во државните болници Михалис Јанакос.
Инаку, Владата најави и можно активирање на НАТО системот за спавување со несреќи.
Коруптивно чудовиште во системот
Премиерот Христијан Мицкоски вчера попладне во своето обраќање по повод трагедијата рече дека влегол во политиката да промени нешто.
„Наидов на систем длабоко корумпиран кој е создаван и негуван со децении, чиј дел се лица од сите партии, од секакви профили. Тој систем ако не се сруши оваа држава нема никогаш да ја биде и тој систем не може да се сруши лесно и брзо, затоа што е граден со децении, не со месеци и години“, рече Мицкоски.
Влада
Според него, без разлика на идеолошките разлики мора да се стави крај на корупцијата и да се срозат корумпираните и раскалашени луѓе кои ги злоупотребуваат институциите исто како што тие го срозија и прегазија ова што денеска го гледавме, а тоа се нашите души.
„Ова е борба против чудовиште кое ја проголтува иднината на земјата и зема со себе жртви. Ни ги зема најмилите. И победата врз него е наша обврска. Ако има одговорност при непостапување во минатиот период ќе се преземат соодветни чекори. Ќе се разгледаат и испитаат од страна на институциите сите аспекти и сите проблеми кои доведоа до оваа трагедија без скрупули кон никого. Ќе се испитаат аспектите на контрола и се она кое јавноста оправдано го детектира како проблем и предизвик на општеството. Затоа велам, јас сум одлучен и ќе постапувам одлучно. Ќе има решителни чекори и одлуки. Ќе има чекори на кои јавноста не е навикната, но промените почнуваат од нас самите“, рече Мицкоски.
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова во обраќањето до јавноста по трагедијата во Кочани порача дека не е време на делби и конфронтации и дека никој што е одговорен нема да ги избегне правдата и казната.
Претседателка на РСМ
„Не е време за делби и конфронтации, особено кога се во прашање млади луѓе, чиј живот за миг згасна заради самоволие, импровизација и манипулација. Без стандарди и правила не смее да функционира ниту една дејност и активност. Ниту еден одговорен овој пат не смее да ги избегне правото, правдата и казната“, рече Сиљановска Давкова.
Денови на жалост за трагедијата што го потресе светот
За трагедијата во Кочани вчера известваа повеќе светски медиуми и новински агенции, а пораки со сочувство испратија политичари и функционери од повеќе земји. Преку телеграма потпишана од кардиналот државен секретар Пјетро Паролин порака на сочувство испрати и Папата Франциск. Србија и Црна Гора се солидаризираа со нашата земја и на тој начин што прогласија по еден ден на жалост за трагедијата.
Седумдневна жалост на територија на целата држава вчера прогласи и македонската Влада.
Исто така, на владината седница е донесена одлука со која се задолжува Државниот пазарен инспекторат во наредните три дена да изврши вонреден инспекциски надзор врз угостителски објекти (кабаре, ноќен клуб, дискотека и дискотека на отворен простор), на територијата на државата и за наодите од надзорот веднаш да ја известат Владата, за да се утврди фактичката состојба дали истите работат според стандардите ги исполнуваат условите согласно законите и прописите на државата.
Александар Димитриоски/Bloomberg Adria
Вусшност, тоа е логичен чекор, но тој само покажува дека утврдување на фактичката состојба во Македонија како по правило се случува откако ќе се случи некоја трагедија наместо тоа да биде практика која ќе превенира вакви случаи и ќе гарантира каква-таква безбедност. Граѓаните деновиве на социјалните мрежи бараат коренита промена на работењето на политичарите и институциите бидејќи токму тие носат најголема одговорност за нефунционалноста на државата која ги гори сопствените деца.