text size
Македонија деновиве се соочува со болка и тага по веројатно најголемата трагедија од осамостојувањето. Во голем пожар што избувна рано утрото на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 59 млади лица, а над 160 се повредени. Според досегашните информации, причина за пожарот најверојатно е несоодветна употреба на пиротехнички средства во дискотеката при концерт на македонската музичка група ДНК. Најголем број од загинатите се на возраст од 14 до 25 години, од Кочани, Штип, Пробиштип, Скопје и други места, кажа директорката на кочанската болница, каде што првиот повик дека има пожар го добиле околу 2:50 часот утрото на 16-ти. Првично стигнале 70 пациенти, кои биле со изгореници и со труења од јаглерод моноксид, а потоа повредените беа испратени во болниците во Штип, Велес и во Скопје. Во пожарот животот го загубија и пејачот на ДНК, Андреј Ѓорѓиевски, и уште неколку музичари од групата.