Во фокусот на денешниот преглед се најновите пораки на американскиот претседател што одекнаа на глобалните пазари - од смирување на хаосот на пазарот на злато, преку продолжување на трговското примирје со Кина, до коментари за војната во Украина и претстојниот состанок со рускиот претседател. Во меѓувреме, инвеститорите на берзите низ светот внимателно ги следат геополитичките и економските сигнали, додека се очекуваат клучни податоци за инфлацијата во САД и расположението на потрошувачите во Европа.
ЕКОНОМИЈА
Нема царини за злато
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека увозот на злато нема да биде предмет на американски царини, откако претходно толкувањето на американските царински служби предизвика хаос и конфузија на глобалните пазари на благородни метали. „Златото нема да биде оданочено со царини!“, објави Трамп на социјалните мрежи.
GOLDS:COM
GOLD SPOT $/OZ
3.352,48 USD
+10,11 +0,30%
почетна цена
3.342,86
претходна цена на затворање
3.342,37
промена од почетокот на годината
27,800342922461%
дневен опсег
3.342,48 - 3.357,48
опсег на 52 недели
2.423,90 - 3.500,10
Фјучерс-договорите за злато што се тргуваат на њујоршката берза Комекс (Comex) и глобалниот референт за спот-цени во Лондон не забележаа значителни промени по оваа објава. Спот-цената на златото намали дел од загубите, иако сепак остана пониска за повеќе од 1,2 отсто во текот на вчерашниот ден.
Продолжено трговското примирје меѓу САД и Кина
Трамп повторно го одложи воведувањето високи царини на кинеска стока, потпишувајќи уредба со која рокот се продолжува за 90 дена. Како што оценува „Блумберг“, тоа дополнително ќе ги стабилизира трговските односи меѓу двете најголеми светски економии. Со новата уредба на Трамп, трговското примирје се продолжува до 10 ноември, со што се одложи примената на високите царини што требаше да стапат во сила во вторник, 12 август.
Потсетуваме дека двете земји претходно се договорија да ги намалат реципрочните царини и да ги ублажат ограничувањата за извоз на ретки минерали и одредени технологии. Ако трговското примирје не беше продолжено, американските царини на кинеска стока ќе пораснеа на 54 отсто.
ПОЛИТИКА
Трамп за Украина: Не е моја работа да правам договор
Американскиот претседател ги намали очекувањата во однос на претстојниот состанок со рускиот лидер Владимир Путин, во ситуација кога се обидува да ја заврши војната во Украина. Трамп го опиша претстојниот состанок како „состанок за испитување на теренот“, по кој ќе се сретне со украинските и европските лидери. Потсетуваме, американскиот и рускиот претседател ќе се сретнат в петок на Алјаска, за да преговараат за условите за мир во Украина.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерс-договорите за европските акции утрово се тргуваат во зелено, пред објавувањето на податоците за економското расположение на потрошувачите во еврозоната. Потсетуваме дека европските берзи го завршија тргувањето во понеделникот со загуби, бидејќи инвеститорите се воздржаа од големи вложувања. Имено, инвеститорите го очекуваат самитот на Алјаска в петок, на кој американскиот и рускиот претседател ќе се обидат да се договорат за условите за завршување на тригодишната војна во Украина.
САД
Од другата страна на Атлантикот, фјучерс-договорите за американските индекси се тргуваат со добивки, пред објавувањето на најновите податоци за инфлацијата. Економистите на „Блумберг“ очекуваат дека инфлацијата минатиот месец благо пораснала, бидејќи трговците на мало постепено ги зголемуваа цените на разни производи што се предмет на повисоки увозни царини.
Азија
Акциите во азиско-пацифичкиот регион исто така се тргуваат во зелено, на крилјата на растот на акциите од технолошкиот сектор. Тој раст следува откако американскиот претседател го продолжи трговскиот договор со Кина и најави дека е подготвен на американските компании да им дозволи понатамошна продажба на одредени чипови во таа азиска земја.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...