Утрово со фјучерсите на европските акции се тргува со добивки, во пресрет на објавувањето на податоците за инфлацијата во Германија и во Шпанија. Од другата страна на Атлантикот пристигнува информација дека претседателот на САД му се заканил со тужба на шефот на американската централна банка Џером Пауел.
ЕКОНОМИЈА
Трамп му се закани на Пауел со тужба
Претседателот на САД, Доналд Трамп, повторно го критикуваше Пауел, бидејќи и понатаму ги држи каматните стапки на стабилно ниво. Трамп порача дека размислува за тужба против првиот човек на Фед поради реновирањето на седиштето на централната банка, односно проектот чија пречекорена цена привлече големо внимание кај администрацијата на Трамп. Трамп напиша на социјалните мрежи дека штетата што Пауел ја нанел со доцнењето во намалувањето на каматните стапки е непроценлива, но дека, за среќа, економијата е доволно силна за да го надмине Пауел. Повеќе детали открива Мајк Меки, новинар на „Блумберг“.
Бесент: Фед да ги намали каматите за 50 базични поени
Во исто време американскиот министер за финансии Скот Бесент тврди дека Федералните резерви треба да бидат отворени за поголемо намалување на референтните каматни стапки следниот месец, и тоа за 50 базични поени, откако пропуштија таков потег на последниот состанок. Бесент додава дека ревидираните податоци укажале на послаб раст на вработеноста и дека Фед можел да ги намали каматните стапки во јуни и јули.
ПОЛИТИКА
Зеленски: Нема да го предадеме Донбас
Во пресрет на средбата на американскиот и рускиот претседател во Алјаска в петок, украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека нема да се согласи на рускиот предлог да се откаже од делови на Донбас во замена за прекин на огнот. Тој предупреди дека Москва би можела да ја искористи освоената територија како отскочна штица за нови напади врз Украина.
БЕРЗИ
Европа
Со фјучерсите на европските акции утрово се тргува со добивки, во пресрет на објавувањето на податоците за инфлацијата во Германија и во Шпанија. Потсетуваме, европските берзи вчерашното тргување го завршија со мали добивки, бидејќи остана неизвесноста околу перспективите на глобалната економија.
САД
Во исто време со фјучерсите на американските индекси се тргува мешано, откако најновите податоци за инфлацијата ја ублажија загриженоста околу цените, но и ги зголемија очекувањата за намалување на каматните стапки од Фед во септември. Иако вкупната инфлација во САД порасна најбрзо од почетокот на годината, умерениот раст на цените на стоките ја ублажи загриженоста од пошироко прелевање на трошоците од царините.
Американските акции вчера пораснаа на рекордни нивоа, додека индексот на волатилност, познат како мерач на страв на Волстрит, падна на најниско ниво од декември. Инвеститорите сега ќе го насочат вниманието кон извештајот за малопродажба во САД, кој ќе биде објавен в петок, за да видат какво е расположението на потрошувачите.
Азија
Со акциите во азиско-пацифичкиот регион се тргува со добивки. Референтниот индекс MSCI порасна за 0,2 проценти на рекордно ниво, бидејќи пазарите речиси целосно го вклучија намалувањето на каматните стапки на Фед за 25 базични поени следниот месец. И јапонскиот Nikkei достигна рекорд, додека акциите во Шангај пораснаа на највисоко ниво од декември 2021 година.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...