Руски „Газпром“ и Кина потпишаа правно обврзувачки договор, според кој преку Монголија ќе изградат нов гасовод до Кина - „Моќта на Сибир 2“ - и ќе го прошират обемот на снабдување преку уште два гасовода. Рускиот производител ќе испорачува по 50 милијарди кубни метри гас годишно во наредните три децении, пренесоа руските медиуми, повикувајќи се на извршниот директор на „Газпром“, Алексеј Милер.
Дополнително, „Газпром“ ќе го зголеми протокот преку постојниот гасовод „Моќта на Сибир“ за дополнителни шест милијарди кубни метри годишно, а снабдувањето преку гасоводот „Далечен Исток“ ќе започне во 2027 година, исто така со поголем обем од првично договореното.
Цената на гасот ќе биде пониска во споредба со онаа за европските потрошувачи. Со овој договор, „Газпром“ ќе ја зајакне својата позиција како клучен снабдувач на Кина и делумно ќе ги надомести загубите на европскиот пазар, кои се резултат на санкциите поради војната во Украина.
ПОЛИТИКА
Паѓањето на француската влада сè поизвесно
Лидерите на крајната десница во Франција изјавија дека се подготвени за нови избори, додека земјата се подготвува за очекуваниот пад на владата в понеделник. Истакнатата фигура на десничарското Национално обединување, Марин Ле Пен, и претседателот на партијата, Жордан Бардела, денес се среќаваат со премиерот Франсоа Бајру, кој неделава преговара со партиски ривали, вклучувајќи ги и левичарите.
Иако претседателот Емануел Макрон може да назначи нов премиер, се очекува таквиот потег да нема поддршка од парламентарните партии. Да потсетиме, по неколку месеци релативна стабилност, француската влада повторно е во криза поради предложените мерки за штедење, кои би можеле да доведат до масовни штрајкови и предвремени избори.
Индија ѝ понудила на Америка укинување на царините
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Индија понудила да ги намали увозните царини на американски производи, откако Вашингтон воведе 50 отсто царини за оваа земја поради купување руска нафта. „Сега понудија целосно укинување на царините, но веќе е доцна. Требаше да го направат тоа пред неколку години“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.
Не е јасно кога е дадена оваа понуда, ниту дали Белата куќа ќе започне нови преговори со Њу Делхи. Оваа изјава доаѓа ден по средбата на индискиот премиер со рускиот претседател Владимир Путин на самитот во Шангај, од каде што порачаа дека Москва и Њу Делхи имаат посебна врска и дека ќе стојат заедно во тешки времиња.

БЕРЗИ
По масовната распродажба на технолошки акции во петокот, тензиите на пазарите се смирија, но кај инвеститорите владее претпазливост во пресрет на традиционално слабиот месец за акциите. Азиските акции се тргуваат мешано - акциите во Јапонија и Јужна Кореја ги поништија загубите од понеделникот, додека индексите во Кина и Хонгконг паднаа.
Американските фјучерси се тргуваат во минус поради празникот на трудот, додека договорите за европските индекси покажуваат мешано расположение на Стариот Континент. Во изјава за „Блумберг“, главниот инвестициски стратег оцени дека, иако царинските и економските тензии во САД се смируваат, преценетите акции остануваат проблем.
Фед на потег
Инвеститорите сега ги следат следните потези на Федералните резерви, кои на средината од месецот ќе одлучуваат за каматните стапки, под силен притисок од Белата куќа да го направат првото намалување во тековната година. Новиот извештај за инфлацијата во август ќе биде објавен на 11 септември, додека Фед ќе одлучува за каматите на 17 септември. Обложувањата на пазарите покажуваат 90 отсто шанси дека каматните стапки ќе бидат намалени за првпат годинава.
„Фјучерсите за фондовите на Фед вклучуваат 140 базични поени на намалување до крајот на 2026 година, што значи дека пазарите очекуваат темпо на монетарно олеснување какво што сме виделе само во периоди на рецесија од 1980-тите наваму“, оцени економистот на „Дојче банк“ Петер Сидоров.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...