Дванаесет лица, меѓу кои и еден од напаѓачите, се потврдени како загинати по вооружен напад што се случи во неделата вечерта, по локално време, на познатата плажа Бонди во Сиднеј, соопшти полицијата на Нов Јужен Велс. Нападот се случил додека стотици луѓе биле собрани за да го одбележат првиот ден од еврејскиот празник Ханука.
Според официјалното соопштение, вториот осомничен напаѓач се наоѓа во критична состојба. Околу 29 лица се повредени, меѓу кои и двајца полициски службеници. Во близина на местото на настанот биле пронајдени неколку сомнителни предмети, кои моментално ги испитуваат специјализирани тимови, а воспоставена е и безбедносна зона.
Нападот започнал нешто по 18:30 часот по локално време, за време на настанот „Ханука покрај морето“, објави СМХ (Sydney Morning Herald). Австралиската радиодифузна корпорација (ABC) емитуваше снимки на кои се гледаат две вооружени лица облечени во црно како пукаат кон луѓето од пешачки мост во близина на плажата. Во друга, непотврдена видео-снимка, се гледа како случаен минувач соборува и разоружува еден од напаѓачите.
Австралискиот премиер Ентони Албанез изјави дека сцените од Бонди се „шокантни и вознемирувачки“. Израелскиот претседател Исак Херцог, говорејќи во Ерусалим, нападот го опиша како „суров напад врз Евреи кои се сакале да ја запалат првата свеќа за Ханука на плажата Бонди“.
Во меѓувреме австралиските власти потврдија дека станува збор за „таргетиран напад“ врз еврејската заедница. Австралискиот премиер на вонредна прес-конференција доцна во ноќта го опиша инцидентот како „чин на злобен антисемитизам, тероризам што го погоди срцето на нашата земја“ и најави бескомпромисно справување со антисемитизмот.
-- Ажурирано со бројот на жртви и повредени, потврда дека станува збор за терористички чин