Во јуни „Боскар инвест“ (Bosqar Invest), инвестициска компанија фокусирана на вложувања во енергетскиот сектор и проекти за одржлив развој, на чело со извршниот директор Дарко Хорват, на пазарот донесе иновација преку издавање обврзници поврзани со одржливоста, собирајќи 105 милиони евра.
Станува збор за седумгодишни обврзници со кои компанијата се обврза на конкретна ЕСГ-цел: намалување на апсолутната емисија на стакленички гасови (Scope 1) за 36,4 отсто до крајот на 2031 година во однос на базната 2022 година.
Во случај на неисполнување на целта, „Боскар“ ќе им исплати на инвеститорите пенал од 0,35 отсто од вкупниот номинален износ, со што одговорноста кон животната средина е директно вградена во финансискиот инструмент. Големиот интерес на квалификувани инвеститори потврди дека одржливоста и транспарентноста стануваат важни критериуми при носењето инвестициски одлуки.