Европската унија се движи кон нов пристап за справување со неконтролираното избувнување на ковид во Кина што може да вклучи примена на маски и барање за направен тест пред полетување од земјата.
Здравствените советници на ЕУ во вторникот се согласиле на нацрт-мислење кое вклучува препораки за носење маски и зголемен мониторинг на отпадните води и предлага да се разговара за тестирање на ковид, според портпаролот на комисијата. Силно мнозинство земји ги поддржуваат тестовите пред поаѓање, додаде портпаролот.
Ваквите чекори би ги надминале препораките од Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), кој минатата недела посочи дека правилата за скрининг и ограничувањата за патување не се оправдани.
Амбасадорите на ЕУ, кои ќе се сретнат в среда за да разговараат за препораките, ќе треба да ги одобрат сите барања.
„Единството останува нашата најсилна алатка против ковид“, напиша на „Твитер“ комесарката за здравство на ЕУ, Стела Киријакидес.
Претходно во вторникот, од ECDC посочија дека кинеската зараза досега се состои од истите варијанти кои веќе циркулираат во ЕУ. „Порастот на случаи во Кина не се очекува да влијае на епидемиолошката ситуација во Европа“, порачаа од таму.
Неколку европски земји, вклучително Италија и Шпанија, веќе воведоа правила за тестирање за летови од Кина. Од своја страна, Кина порача дека ќе им возврати на државите кои поставиле ограничувања за ковид за нејзините граѓани од „политички цели“.