Новата варијанта на ковид, која првпат беше откриена минатата година, брзо стана доминантен вид во САД - и патем доби морничав назив.
Нареченa e кракен-варијанта и освен што се прошири во САД, Светската здравствена организација (СЗО) објави дека сега е идентификувана најмалку во 28 други земји. Дали е поопасна? Дали полесно се шири? И како проширувањето на оваа варијанта ќе влијае на новиот голем бран на ковид во Кина?
Еве ги одговорени сите ваши прашања:
Која е новата варијанта?
XBB.1.5(ХББ.1.5) е потомок на омикронската подваријанта XBB (ХББ) - која сама по себе е вкрстување помеѓу два претходни соја: BA.2.75 (БА.2.75) и BA.2.10.1. (БА.2.10.1.)
Оригиналната варијанта ХББ веќе предизвика бранови на инфекција во повеќе земји, вклучувајќи и во Сингапур и Индија, откако СЗО за првпат изрази загриженост за неа во октомври минатата година.
Колку брзо се шири XББ.1.5?
Иако сочинуваше само 1 отсто од сите случаи на ковид на почетокот на декември, процените од центрите за контрола и превенција на болести на САД покажуваат дека стана доминантен вид до крајот на месецот, одговорен за околу 41 процент од сите инфекции. Во североисточните држави, таа бројка скокна на над 70 отсто.
XББ.1.5 е „најпреносливата подваријанта што е откриена досега“, рече техничката лидерка на СЗО за ковид-19, Марија ван Керхове, за време на прес-конференцијата што се одржа вчера. Додека само 29 земји пријавија случаи предизвикани од оваа варијанта, здравствените власти предупредуваат дека во следниот период ќе има сè повеќе заболени, затоа што ковид брзо се шири поради слабиот одзив за тестирања.
Во други земји процентот на инфекции предизвикани од XББ.1.5 остана помал, иако сликата може брзо да се промени. Процените од институтот „Велком Сангер“ открија дека варијантата сочинува околу 4 отсто од инфекциите со ковид во Англија од средината на декември, додека Канада открила неколку такви случаи.
Научниците истакнаа дека подваријантата има многу посилен афинитет кон ACE2, клучен рецептор за вирусот, што му овозможува полесно да се врзува и ја зголемува неговата преносливост.
Дали е поопасна од претходните варијанти?
Нема пријавени значајни разлики во сериозноста помеѓу случаите предизвикани од XББ.1.5 и претходните варијанти. Како и другите видови што ги загрижија научниците, сепак, XББ.1.5 привлекува внимание, бидејќи покажува знаци дека бега од стекнатиот имунитет. Тоа значи дека има способност да го избегне природниот имунитет или претходната заштита обезбедена од вакцините и повторно да ги инфицира луѓето што закрепнале од претходно прележување.
Податоците за сериозноста остануваат ограничени, а нема многу информации и за тоа дали XББ.1.5 е склон да предизвика тешка болест или смрт. Претходните терапии за справување со ковид, како третманите со моноклонални антитела, беа неефикасни кај претходните соеви. Тој тренд се очекува да важи и со новата варијанта. Во неодамнешната рецензирана статија објавена во списанието „Сел“ (Cell) научниците предупредија дека подваријантите како XББ претставуваат „сериозни закани“ за актуелните вакцини против ковид. Поголемата преносливост, исто така, значи дека веројатно ќе се заразат повеќе луѓе и со тоа ќе претрпат тешки исходи.
Не е јасно дали искуството на САД со XББ1.5 ќе се прошири и на други земји. Америка, за разлика од многу други развиени нации, страда од ниски стапки на вакцинација. Само 15 отсто од популацијата на возраст од над пет години добила ажурирана бивалентна дополнителна доза. Стапката е малку подобра кај ранливата постара популација, вклучувајќи ги и оние на возраст од 65 години и повеќе, со помалку од четири од 10 што примиле трета доза. Стапките на хоспитализација за ковид веќе растат, во услови на пораст на други инфекции во зимската сезона, како што е грипот.
СЗО планира да објави ажурирана процена за ризиците од варијантата во наредните денови.
Дали досега стигна до Кина и какво ќе биде неговото влијание?
Кина, која минува низ голем бран на инфекции откако ја укина својата строга политика на нула ковид во последниве недели, допрва треба да пријави домашни случаи на XББ.1.5. Шангај откри три инфекции предизвикани од варијантата и рече дека сите се увезени случаи. Но здравствените агенции низ светот, вклучувајќи ја и СЗО, изразија загриженост дека Кина не обезбедува доволно информации за геномско секвенционирање за да дојде до конечни заклучоци.
Во меѓувреме, ковид-бранот во оваа земја е поттикнат од два други омикронски соја: БA.5.2 и БФ.7. Тие заедно сочинуваат 97,5 отсто од сите локални инфекции, според податоците од геномското секвенционирање од кинескиот центар за контрола и превенција од болести.
Додека властите се обидуваат да ги ублажат стравувањата дека варијантите на XББ ќе предизвикаат нови бранови на инфекција, јавноста, веќе исплашена од затегнатиот здравствен систем и ограничената достапност на третмани, не е убедена. Широкоциркулирана вирална објава во која се тврди дека варијантата XББ може да доведе до повраќање и дијареја доведе до паника и до зголемување на продажбата на лек против дијареја низ Кина.
Од каде потекнува името кракен?
Варијантите на ковид во моментов се именувани од експертска група свикана од СЗО. Таа ги идентификува таканаречените варијанти на загриженост што имаат потенцијално глобално значење за јавното здравје, како што е намалувањето на ефективноста на сегашните мерки за пандемијата, користејќи грчка азбука. Претходните видови како алфа, бета и делта спаѓаа под конвенцијата.
Но последната варијанта со грчко име, омикрон, се појави пред повеќе од една година и не остави простор за појава на други, значително различни видови. Омикрон создаде поголема лоза, вклучувајќи го и XББ.1.5, а нивните имиња потекнуваат од мешавина на азбуки и броеви познати како „панго“.
Тоа доведе до пораст на популарноста на неформалните онлајн прекари, вклучувајќи го и кракен. Називот за XББ.1.5 беше предложен од еволутивен професор на Твитер за да се совпадне силата на новиот вид со силата на митолошкото морско чудовиште.
Кракен е легендарно морско чудовиште со џиновска големина, за кое се смета дека живее меѓу бреговите на Норвешка и на Гренланд. Голем број автори тврдат дека легендата потекнува од појавувањата големи октоподи, кои може да пораснат до 12-15 метри во должина, иако во оригиналните приказни немал краци и повеќе личел на кит или рак.