Велика Британија соопшти дека од октомври ќе го забрани пластичниот прибор за јадење и чиниите за еднократна употреба во Англија, како дел од акцијата за намалување на загадувањето со пластика и за заштита на морската средина.
Според новите правила, трговците на мало и рестораните нема да можат да продаваат пластични чинии за еднократна употреба, послужавници и стапчиња за балони или некои видови полистиренски чаши и пакувања за храна, извести денеска преку соопштение министерката за животна средина Тереза Кофи. Шкотската и велшката децентрализирана влада веќе презедоа слични мерки. Овој потег е дел од поширокиот притисок за заштита на животната средина преку спречување на отпадот што ги уништува природата и океаните и преку намалување на емисиите на стакленички гасови од производството и отстранувањето на пластиката.
Англија користи 2,7 милијарди парчиња прибор за јадење за еднократна употреба годишно, како и 721 милион чинии за еднократна употреба, но само 10 отсто од нив се рециклираат, според податоците од Одделот за животна средина, храна и рурални прашања.
„Апсолутно сите ги знаеме катастрофалните влијанија што може да ги има пластиката врз нашата животна средина и дивиот свет. Овие нови забрани за пластика за еднократна употреба ќе ја продолжат нашата витална работа за заштита на животната средина за идните генерации“, рече Кофи.
Пластиката е растечки еколошки проблем низ светот, бидејќи често не се распаѓа и може да поминат векови за да се распадне. Тоа доведе до акумулација на отпад во океаните и на плажите. Од здружението за зачувување на морињата, непрофитна организација во Обединетото Кралство што спроведува годишно чистење на плажите, велат дека нивните волонтери во 2022 година во просек собрале 309 отпадоци ѓубре на секои 100 метри плажа, при што 67 отсто од предметите биле направени од пластика или полистирен.
Владата размислува и за дополнителни мерки за производите, како влажните марамчиња, филтрите за тутун и ќесите, соопштија од Министерството. Последната забрана следува по сличните ограничувања за микромониста, пластични сламки за еднократна употреба и стапчиња за уши, додека надоместокот за пластичните ќеси за еднократна употреба, воведен во 2015 година, ја намали нивната употреба на мал дел во однос на претходно.