Северна Македонија е меѓу првите 10 земји во светот врз основа на преваленцијата на пушење и вкупниот број испушени цигари дневно по пушач. Според истражувањето на „Аналитика тинк-тенк“, преваленцијата на пушење во земјата изнесува 48,4 отсто, додека во европските земји е многу пониска, или просекот ЕУ во е 29 проценти. Во Шведска преваленцијата изнесува 8,7 отсто, а во Грција и Бугарија 27 проценти.
„Анализите покажуваат дека речиси половина од возрасните луѓе во Република Северна Македонија (48,4 проценти) во моментов користат тутун. Преваленцијата на пушење е 57,9 проценти кај мажите и 39,0 проценти кај жените. Преваленцијата на пушење се зголемува со возраста на пушачите, достигнувајќи го својот врв на 45-54 години (60,1 процент за пушачи на дневна основа)“, објаснува Тамара Мијовиќ Спасова од „Аналитика“.
Таа додаде дека нашата држава е лидер во регионот по потрошувачка на цигари по најниска цена и многу малку се прави за надминување на проблемот со пушењето, без разлика дали станува збор за законски решенија, покачување на акцизите или за кампањи за издигнување на јавната свест, покажува истражувањето на „Аналитика тинк-тенк“ спроведено заедно со универзитетот „Илиноис“ од Чикаго во 2020 годинa.
Станува збор за регионално истражување за употребата на тутун во земјата и регионот, кое е една од првите студии во Северна Македонија што дава сеопфатни информации за употребата на тутунот, односно цигарите.
Податоците покажуваат дека просечната цена на кутија цигари во Северна Македонија е 1,7 евро, во регионот на ЈИЕ е околу 2,1 евра, додека европското ниво е 4,9 евра, што го потврдува фактот дека сме држава со најниски цени на цигари во регионот.
Оданочувањето на тутунот е една од најефикасните алатки за намалување на потрошувачката на тутун (зголемената акциза резултира во намалување на консумирањето тутун во сите земји од ЈИЕ) и ќе резултира во силно зголемување на јавните приходи во Буџетот.
Бојана Христовска од „Аналитика“ објаснува дека само 11,9 отсто од пушачите се изјасниле дека пушењето е забрането во нивниот дом (не пушат дома), а пак кај 42,9 отсто од непушачите не се пуши во домот. Најголем степен на изложеност на пасивно пушење има во баровите, ноќните клубови (73,6 проценти) и во рестораните (44,2 отсто). Речиси сите пушачи (97 отсто) потврдуваат дека барем еднаш им било потенцирано дека пушењето цигари им пречи на другите луѓе. Според возраста, младите се најмногу изложени на чад од тутун во баровите или ноќните клубови (83,8 проценти). Наедно оваа возрасна група (од 18 до 24 години) е релативно повеќе од другите возрасни групи изложени на чад во владини институции (20,2 проценти) и во универзитетите и училиштата (13,4 проценти).
Таа додава дека вкупно 58,1 проценти од возрасните во Република Северна Македонија сметаат дека пушењето ќе се намали ако продажбата на тутунски производи и пушењето се забранат со закон, а 55,7 отсто од возрасните сметаат дека со покачување на цената на цигарите ќе се намали пушењето.
Од „Аналитика“ препорачуваат издигање на свеста за штетните ефекти врз здравјето од користењето тутун и воведување сеопфатни програми за контрола на тутунот за да се намали пушењето и кај младите и кај возрасните преку организирање јавни кампањи во медиумите, како и во училиштата, во болниците и на работните места.