Системот за заедничка електронска наплата на патарина со примена на еден „таг“ при патување во државава и во Србија ги помина успешно сите тестирања, подготвен е за употреба и е функционален, информираат за МИА од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Проектот беше најавен во септември 2021 година, во рамките на иницијативата Отворен Балкан, а почетен датум за примена е 1 јули годинава.
Ќе функционира на тој начин што, наместо да запираат, возачите од двете земји ќе може со еден уред да платат патарини и во Македонија и во Србија.
„Реализацијата на проектот Отворен Балкан е во завршна фаза, се вршат тестирање и проверка на системот, во реално време и со реални податоци. Системот ги помина успешно тестирањата, подготвен е за употреба и е функционален. Изминатиов период се правеше подготовка на интеграција на системите за наплата на патарина на Република Северна Македонија и Република Србија. Исто така се вршеа подготовка и изработка на безбеден и ефикасен начин за реализација на трансакциите во двете земји. Во интеграцијата на системот е ангажиран кадар што и досега работеше на воспоставување на електронската наплата“, објаснуваат од ЈПДП.
Тагот (микробранов транспондер) треба да се регистрира (преконфигурира) на овој линк.