Идиличниот одмор се претвори во кошмар откако илјадници луѓе беа евакуирани од грчките острови поради шумски пожари, најнов потсетник дека европската туристичка индустрија мора да се соочи со реалноста на климатските промени и брзо да се приспособи.
Летата стануваат сè пожешки во Јужна Европа, а актуелните пожари во Грција се мрачно повторување на пожарите што ја опустошија земјата пред две години. Годинашните неподносливи горештини ги натераа властите да го затворат Акропол, а на италијанскиот остров Сардинија ги принудија туристите на престој во затворено.
Сето ова се случува поради зголемувањето на глобалната температура за 1,2 степен во однос на прединдустриското време. Научниците предупредуваат дека работите ќе се влошат дури и ако растот на температурата запре на два степена, како што е наведено во Парискиот договор за климата.
Климатските промени веројатно ќе ги направат некои туристички дестинации непрепознатливи. Една студија од 2019 година предвидува дека во 2050 година климата во Мадрид ќе личи на сегашната во мароканскиот град Маракеш. Лондон ќе биде повеќе како Барселона, а Стокхолм како Будимпешта. Тоа би било тектонска промена за европската индустрија за патување и туризам, која на економијата ѝ донесе 1,9 билион евра минатата година. Промената на патувањата може да донесе вистински удар за некои земји на југот на Европа.
Туристичката индустрија, се чини, досега не го има целосно предвидено тоа.
„Голем дел од тој сектор буквално штотуку се буди“, вели Катарина Мартинез-Пардо, партнерка во „Бостон консалтинг“ (Boston Consulting Group), консултантска фирма специјализирана за климатски прашања и одржливост во туристичкиот сегмент.
„Мислам дека тој сè уште не е навистина подготвен“ за тие промени, додаде таа.
Околу 19.000 луѓе мораа да бидат евакуирани од Родос минатиот викенд поради пожар. Многу туристи што беа на еднодневно патување не можеа да се вратат во своите хотели за да го земат својот багаж. Тие се сместени во спортски објекти, конференциски сали, други хотели и јавни згради, каде што им се даваат храна и вода, соопшти грчкото министерство за цивилна заштита.
Сепак, според извршниот директор на Европската асоцијација за туризам, Том Џенкинс, малку е веројатно дека тамошната туристичка индустрија ќе носи долгорочни деловни одлуки врз основа на неволјите од оваа летна сезона.
„Дали туристичкиот сектор ќе се промени пред да го сторат тоа гостите? Би било многу необично ако го направи тоа“, вели Џенкинс.
Без оглед на тоа што се проценува дека европскиот туристички сектор ќе расте со просечна годишна стапка од 3,3 проценти во следните десет години, честата појава на екстремни климатски феномени и нивните последици на југот на Европа може да ги наведат патниците сè повеќе да избираат северни дестинации.
Според овонеделната процена на „Мудис“ (Moody's), топлотните бранови може долгорочно да ја намалат привлечноста на Јужна Европа или барем да ја намалат побарувачката во текот на летото.
Според еден екстремен модел од Европската комисија разработен минатата година, затоплување од четири Целзиусови степени со влошување на состојбата во животната средина ќе го намали туризмот на јонските острови во Грција за девет отсто, а ќе го зголеми во Западен Велс за 19 проценти.
Промените во таа насока би биле удар за земјите што во голема мера се потпираат на туризмот за економски раст. Во 2021 година туризмот учествуваше со 14,9 отсто од грчкиот бруто-домашен производ, 9,1 отсто во Италија и 8,5 отсто во Шпанија.
Минатата недела температурата на Сардинија достигна 46 степени, што ги испразни улиците во екот на сезоната. На таа температура престанаа да работат и мобилните телефони.
Осумдесет и четиригодишен маж почина во својот автомобил на Сардинија откако застанал покрај патот, а неколку дена претходно во Милано колабирал маж постар од него.
Помал дипломатски инцидент овој месец ги истакнува ризиците за туристичката индустрија. За време на својата посета на Италија, германскиот министер за здравство Карл Лаутербах на Твитер напиша дека некои дестинации на југот на Европа „нема да имаат долгорочна иднина“.
Тоа предизвика остра реакција на италијанската министерка за туризам Даниела Сантанче, која одговори дека глобалното затоплување влијае на целата планета, а не на една земја.
Извршниот директор на Европската комисија за патувања, здружение на национални туристички асоцијации, Едуардо Сантандер, вели дека некои европски дестинации ќе ги почувствуваат ефектите во текот на летните месеци, кога ќе биде невозможно да се избега од жештините.
„За некои туристи тоа ќе значи патување подалеку север или во пролет и зима, а гостите најверојатно ќе прават резервации во последен момент, во зависност од тоа какво време се очекува“, додаде тој.
Дел од тоа веќе се реализира, бидејќи минатата недела потрагата по дестинации на северот на Европа од страна на луѓе од југот значително се зголеми во однос на истиот период во јуни. Пребарувањата за Ирска пораснаа за илјада отсто, според веб-страницата за резервации за патувања „Идримс“ (eDreams Odigeo).
Во меѓувреме пожарите во Грција не стивнуваат, па евакуација имаше и на Крф.
„Климатската криза е веќе тука. Ние сме во војна“, рече грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во парламентот.