Министерството за надворешни работи информира дека преку различни транспортни канали уште десет македонски државјани го напуштиле Израел, и тоа: четворица со лет до Атина, петмина до Подгорица, а едно лице со лет до Истанбул. Заедно со оние што претходно го направија тоа, вкупната бројка на македонски државјани што во изминативе два дена го напуштија Израел надмина 30.
Македонската амбасада во Тел Авив, во тесна координација со кризниот штаб во Министерството за надворешни работи, активно работи на враќање уште на сто наши државјани што побарале помош за напуштање на Израел, од кои повеќемина се на безбедни локации.
Еден дел од нив веќе има обезбедено билети преку редовните летови што се активни преку меѓународниот аеродром во Тел Авив, кој е во целосна функција.
Дел се наоѓа во подрачја што беа опфатени со насилните дејства и се сметаат за небезбедни. За нив веќе е обезбеден внатрешен транспорт низ територијата на Израел, за нивно префрлување на безбедна локација, од каде што би можеле да бидат упатени кон дома. Меѓу нив се и двајца наши државјани во Појасот Газа, за чие извлекување е задолжена македонската амбасада во Каиро, која е во директна комуникација со Министерството за надворешни работи на Египет.
Според процените на кризниот штаб, на територијата на Израел престојуваат до 200 македонски државјани, од кои поголемиот дел е прецизно лоциран, и редовно се одржува комуникација со нив, сè до нивното враќање во земјава. Министерството за надворешни работи подготви информација за состојбите во Израел, со проекција за наредните денови, која е доставена до Владата, која одлучува за наредните чекори.
МВР апелира до нашите државјани во Израел да го следат Националниот портал за итни случаи (www.oref.org.il), односно т.н. Home Front Command, специјализиран за цивилна заштита, кој излезе со нови препораки до населението, како и да се почитуваат сите други упатства на надлежните институции на Израел.
Министерството за надворешни работи стави на располагање и два дежурни СОС-телефона: 075/ 273- 732 и 075/268-736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив: +972-54-926-7378.