Иако Хамас не може да се носи со технолошката софистицираност на израелската армија, милитантната група има многу необична предност: огромна мрежа тајни подземни тунели.
Откако Израел почна да ја сфаќа големината на лавиринтот во 2014 година, потроши над милијарда долари за развој на подземна бариера по должината на својата 60-километарска граница со Појасот Газа и стотици милиони долари на систем за откривање изградба на нови тунели - мерки што ги нарече „Железен ѕид“ и „Железна лопата“.
Овие одбранбени механизми требаше да ја направат неговата територија непробојна. Но, барем во еден случај, скриените премини беа искористени за да се поттикнат прекуграничните напади во кои минатата недела загинаа 1.200 луѓе, дополнувајќи ги упадите од воздух, копно и море.
Прочитај повеќе
Бајден размислува за посета на Израел на покана од Нетанјаху
Американскиот претседател Џо Бајден размислува за посетата на Израел во моменти кога предупреди против долгорочна израелска окупација на Појасот Газа.
16.10.2023
Израел го зголемува влогот: „Ќе го збришеме Хамас од лицето на Земјата“
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, неколку часа по формирањето итна влада и воен кабинет, навести голем копнен напад врз Газа.
12.10.2023
Што е Хамас - историја на милитантната група што го нападна Израел
Со еден потег, нападот на Хамас врз Израел ги преуреди регионалните приоритети во скора иднина.
10.10.2023
Жестокиот напад врз Израел го става Иран во центарот на вниманието
Најновиот напад врз Израел од страна на палестинската милитантна група Хамас го обнови фокусот на светот кон војната во сенка.
09.10.2023
Сега, додека Израел ја навестува претстојната копнена инвазија на Газа, истата мрежа ја компликува неговата воена одмазда - не само затоа што Хамас, прогласен за терористичка организација од САД и Европската Унија, вели дека држи израелски заложници во подземните простории.
„Замислете го Појасот Газа како еден слој за цивилите, а потоа како друг слој за Хамас“, рече Џонатан Конрикус, портпарол на израелските одбранбени сили. „Се обидуваме да дојдеме до вториот слој што го изгради Хамас“.
Целењето на подземниот лавиринт нема да биде лесно. Минатите обиди беа попречени од фактот дека никој освен Хамас не ја знае неговата целосна големина.
Во 2021 година Израел соопшти дека уништил тунели во должина од 100 километри под Газа. Но Хамас инсистираше на тоа дека има мрежа од 500 километри, од кои само 5 отсто биле погодени.
Во обид да стекне предност над својот непријател, Израел во 2014 година одлучи да инвестира во софистициран систем за откривање тунели развиен од израелските фирми „Елбит системс“ (Elbit Systems) и „Рафаел“ (Rafael Advanced Defense Systems), изведувачи што исто така заеднички работеа на системот за противракетна одбрана познат како „Железна купола“.
Но сензорите не се сигурни бидејќи не можат да откријат тунели со свиоци и се збунуваат од крстосници, според истражувањето на Институтот за национални студии со седиште во Тел Авив.
„И покрај напредните технолошки контрамерки, копањето тунели останува ефикасен начин за едната страна буквално да ја поткопа доминацијата на другата на површината“, рече Скот Савиц, воен експерт во корпорацијата „Ранд“ (Rand Corporation). Противничката страна „никогаш не знае дали постојат тунели, колку има или каде се. Ги знаат само оние што ги нашле“.
Хамас со години ги користи тунелите под густо населената Газа за да прикрие оружје, командни објекти и борци.
Со текот на времето, премините станаа пософистицирани со вентилација и електрична енергија.
Некои достигнуваат длабочина од 35 метри, а може дури и да бидат опремени со пруги и простории за комуникација, според експертите. Влезот во нив често e во станбени згради или други јавни објекти.
Во почетокот подземната мрежа беше наменета главно за шверц на стоки и оружје од Египет во тесниот појас од кој Израел се повлече во 2005 година.
Но милитантите го користеа и за прекугранични операции, вклучувајќи ја и операцијата во 2006 година во која го киднапираа израелскиот војник Гилад Шалит, тогаш на возраст од 19 години, убивајќи уште двајца израелски војници. Шалит беше ослободен пет години подоцна, а за возврат Израел ослободи повеќе од 1.000 палестински затвореници.
Израел изврши копнена офанзива во Газа во 2014 година во обид да го уништи подземниот лавиринт, кој милитантите на Хамас го користеа за да ги нападнат израелските сили за време на 50-дневната војна.
Египет исто така пред околу една деценија започна координирана кампања за уништување на тунелите, вклучувајќи и со нивно поплавување.
Користењето роботи за истражување на комплексот тунели може да ги намали ризиците. Но, предупредува Савиц, поради затворените простори, замките со бомби и другите одбранбени средства, како и поголемото познавање на подземната средина од страна на милитантите, израелските трупи што ќе се обидат да влезат во нив ќе бидат во „тешка неповолна положба“.