Носењето одлука за живот и работа во странство е огромен потфат, особено ако се преселува целото ваше семејство. Можеби најголемото прашање од сè е: „Каде одиме“?
Внимавајте, можете да направите полоша одлука од Виена, Цирих и Окленд, кои штотуку ги освоија првите места од глобалната консултантска компанија „Мерсер“ (Mercer) во анкетата за квалитет на живот за иселениците во 2023 година.
Австрискиот главен град го задржа своето место на врвот на листата, која последен пат беше објавена во деновите пред пандемијата во 2019 година. Составувачите на истражувањето ја истакнуваат енергичната културна сцена, архитектура и историја на австриската престолнина.
Прочитајте повеќе: Топ 10 листа на најскапи градови за живеење во 2023
Швајцарскиот град Цирих, на второто место, е посочен во контекст на неговата политичка стабилност и висококвалитетна инфраструктура, додека од другата страна на светот, Окленд е пофален поради високиот стандард на здравствена заштита и културната динамика.
Главниот град на Данска, Копенхаген и швајцарската Женева ги зазедоа четвртото и петтото место. Во топ 10 листата на која главно доминираат западноевропските градови, канадскиот Ванкувер е единствениот претставник од Северна Америка, позиционирајќи се на осмото место поради можноста за „рекреација на отворено и космополитско живеење“.
Градот-држава Сингапур е највисоко рангиран азиски претставник, изедначен на 29-то место со Аделаида, додека Хонгконг падна на 77-то место на листата од 241 дестинација.
Други наоди од истражувањето:
- Њујорк се најде на 40-то место, три места под Сан Франциско;
- Лондон e највисоко рангиран претставник од Британија на 45-то место, со Абердин на 49-то и Единбург на 51-во;
- Дубаи е највисоко рангиран град на Блискиот Исток на 79-то место, додека главниот град на Маврициус, Порт Луис е најдобар во Африка, на 88-та позиција;
- Сиднеј се рангираше на деветтото место, а Мелбурн и Перт се на 21 и 22, соодветно;
- На дното на листата, на 241 место, се најде главниот град на Судан, Картум
„Актуелниот глобален пејзаж е под влијание на геополитички превирања, природни катастрофи и други економски предизвици, од кои сите имаат значителни импликации за градовите и нивната способност да привлечат и задржат таленти“, вели Ивон Трабер, шефица за глобална мобилност во „Мерсер“. „Многу вработени ги преиспитуваат своите приоритети и го проценуваат квалитетот на живот што се обезбедува за нив и за нивните семејства во местата каде што живеат и работат“.
„Мерсер“ ги анализираше условите за живеење во повеќе од 450 градови ширум светот, разгледувајќи 39 фактори, вклучувајќи политичко и социјално опкружување, здравство, образование, рекреација и домување.
Ова се 10-те градови со најдобар квалитет на живеење:
1 - Виена, Австрија
2 - Цирих, Швајцарија
3 - Окленд, Нов Зеланд
4 - Копенхаген, Данска
5 - Женева, Швајцарија
6 - Франкфурт, Германија
7 - Минхен, Германија
8 - Ванкувер, Канада
9 - Сиднеј, Австралија
10 - Дизелдорф, Германија
Ова се 10-те градови на дното на листата:
241 - Картум, Судан
240 - Багдад, Ирак
239 - Банги, Централноафриканска Република
238 - Сана, Јемен
237 - Порт-о-Пренс, Хаити
236 - Н'џамена, Чад
235 - Дамаск, Сирија
234 - Уагадугу, Буркина Фасо
233 - Триполи, Либија
232 - Бразавил, Република Конго