Кога станува збор за регионот Адрија, Македонија предводи во поскапувањето на пиците, чија просечна цена во декември 2023 година била поголема за 10,4 проценти во однос на истиот месец претходната година.
Во истиот период во Хрватска пиците поскапеле за 9 проценти, во Србија за 8,5 проценти, а во Словенија за 1,1 процент.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Колку ќе ја чини Македонија четиридневна работна недела?
Работодавците во земјава велат дека идејата за четиридневна работна недела е добра, но дека кај нас, во овој момент, е тешко применлива, особено во некои индустрии.
Ирена Јакимовска, извршна директорка на текстилната компанија „Комфи Ангел“ и членка на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија вели дека истражувањата на глобално ниво покажуваат оти од вкупното работоспособно население, само 15 отсто е продуктивно, па, оттука, кратењето на работната недела е оправдано.
„Мене ми е жал што јас нема да можам да го спроведам проектот за четиридневна работна недела, но тоа ќе му го оставам како аманет на мојот син, затоа што е многу важно сите да имаме по три дена за да им се посветиме на семејствата“, вели Јакимовска.
Индустријата под лупа: Подготвени ли сте за нови главоболки во снабдувањето?
Индустриското производство во регионот Адрија стагнираше (во просек) во 2023 година, при што Србија оствари највисок резултат (+2,3 проценти годишно), а Словенија најнизок резултат (-5,3 проценти), констатираат од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во новата регионална анализа на овој сектор.
„Преработувачкото производство беше слабо во текот на годината. Надворешната трговија е навалена надолу бидејќи високите базни ефекти за 2022 година сè уште се присутни (поизразени на страната на увозот), а надворешната побарувачка е намалена - со оглед на тоа што ЕУ е на работ на рецесија, што ја попречува посилната побарувачка“, велат аналитичарите.
Тие објаснуваат дека производствени компании од регионот се вклучуваат во производствениот процес на индустриите на ЕУ, така што забрзувањето во индустриите на ЕУ е клучно за понатамошно подобрување на индустриското производство и девизниот профил.
Грција ќе го подигне прагот за добивање златни визи во атрактивните области
Грчката влада наскоро планира да го зголеми минималниот износ што потенцијалните странски купувачи на недвижен имот во области со високи цени за изнајмување мора да го платат за да добијат златна виза, изјави премиерот, Киријакос Мицотакис.
Грција веќе го удвои износот потребен за добивање грчка виза преку инвестиции во недвижности во популарните дестинации како Атина и Солун, како и на островите Миконос и Санторини. Во тие места, инвеститорите треба да потрошат најмалку 500.000 евра за пристап до таканаречената програма за златни визи. Во останатиот дел од земјава прагот и натаму е 250.000 евра.
Иако премиерот не ја прецизираше висината на претстојното поскапување, тој рече дека во градовите и островите каде притисокот врз пазарот на станови е силен, прагот може да се искачи до 800.000 евра.
Трамп подобар избор за американската економија
Повеќе Американци веруваат дека Доналд Трамп може да ја подобри нивната економија отколку сегашниот претседател Џо Бајден, покажува ново истражување спроведено од „Фајненшл тајмс“.
Резултатите од истражувањето покажуваат дека 42 отсто од граѓаните на САД сметаат дека Трамп би бил подобар кандидат што се однесува до економијата, додека 31 отсто од Американците се задоволни од работата на Бајден. Малку повеќе од една петтина од испитаниците изјавиле дека не веруваат ниту во способностите на Бајден, ниту на Трамп, според истражувањето спроведено од „Фајненшл тајмс“ во соработка со Универзитетот во Мичиген.
Работниците заработуваат помалку по развод
Разводот е скап, а истражувачите од Банката на федерални резерви (Фед) на Сент Луис пресметаа некои од загубите.
По разделбата, приходите на мажите во просек паѓаат за 17 отсто, додека кај жените се намалуваат за 9 отсто, наведоа истражувачите во објава понеделникот. Вработените луѓе кои поминале низ развод во изминатите 12 месеци забележале намалување на приходот за 12 отсто, заработувајќи помалку од оние кои не поминале низ развод.
Кај оженетите мажи - кои имаат тенденција да заработуваат повеќе од другите работници - најмладите плаќаат највисока финансиска казна, при што оние на околу 28 години се на удар со пад на приходите од 43 отсто по разводот, покажаа податоците. За жените, најлошата возраст за разделување е блиску до нивниот 65-ти роденден, што може да доведе до пад на приходите за 57 отсто.