Претставниците на Европската унија дозволија Украина да ја продолжи трговијата без царини за уште една година. Ова е тежок компромис со оглед на растечкото незадоволство на европските земјоделци кои ширум Европа протестираат против увозот на храна од земјата разурната од војна.
Добро утро, ова се останатите пет вести кои се важни за почеток на денот.
Топ 20 македонски компании со најголема добивка по акција
„Нова стоковна куќа“ АД Струмица се најде на првото место на листата на топ 20 компании од Македонската берза што минатата година имале најголема нето-добивка по акција. Оваа компанија лани имала нето-добивка по акција во износ од 12.761 денар, што е повеќекратно зголемување во однос на претходната година, кога добивката по акција изнесувала 626 денари.
На второто место на оваа листа е „Реплек“, со остварена нето-добивка по акција во минатата година од 10.826 денари, што е значителен раст во однос на 2022 година, кога добивката по акција била 3.161 денар. На третото место на листата се најде „Макпетрол“, со нето-добивка по акција од 6.858 денари во 2023 година, што е намалување во однос на претходната година, кога добивката по акција изнесувала 11.863 денари.
Девет јадрански острови бараат нови сопственици
Летото доаѓа. Некои размислуваат за својот викенд на море, но што кога би имале свој остров? Во моментов има девет острови достапни во регионот Адрија. Цените се движат од еден до сто милиони евра. Се продава и еден од најпознатите хрватски острови, каде што папараците ги забележаа познатата пејачка Бијонсе, кошаркарот Мајкл Џордан и мултимилијардерот и сопственик на „Амазон“, Џеф Безос.
Недопрена природа, звук на море, мирис на борови, песна на штурци и тивко ветре … далеку од метежот. Чувства што обземаа многу морнари во минатото, а денес ги обземаат посетителите на Јадранот. Ненаселените острови отсекогаш ја разгорувале фантазијата. Дали знаевте дека можете да купите остров? Има доста од нив достапни низ целиот свет. На продажба не се само острови на Карибите, Полинезија или Грција, туку и поблиску – во регионот Адрија.
„Алкалоид“ пушти во употреба нов капитален проект, вреден 19,4 милиони евра
Компанијата „Алкалоид“ АД Скопје ја комплетира реализацијата на својот најголем инвестициски потфат во последните две децении со отворање на новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми Таблетно одделение 2.0 и придружните технички простории.
Новите капацитети за производство, чија цел е повеќе од двојно зголемување на обемот и поголема флексибилност во производството на цврсти фармацевтски форми, зафаќа површина од 6.200 м2 (производствени и технички простории), за кои „Алкалоид“ вложи вкупно 19,4 милиони евра. Просториите се изведени во согласност со строгите норми за добра производствена практика, а сите процеси се целосно интегрирани и дигитализирани, со автоматско генерирање на сите податоци од процесните контроли.
„Волво“ го направи своето последно дизел-возило
„Волво“ неделава (Volvo Car) го произведе својот последен автомобил со дизел-погон, со што ѝ стави крај на ерата на дизелот за производителот, кој планира до 2030 година да произведува само електрични возила.
Теренецот XC90 излезе од производствената лента во фабриката „Торсланд“ во Шведска во вторникот вечер. „Волво“ постепено ја укинува дизел-технологијата исто како што се намалува глобалната побарувачка за електрични возила, иако ќе продолжи да произведува автомобили со бензински мотори.
„Бентли“ се соочува со невидена побарувачка за персонализирани возила
Пред неколку години директорите на „Бентли“ (Bentley) го правеа она што главните играчи во автомобилската индустрија низ светот го прават со години – со завист гледаа на бизнис-моделот на „Ферари“ (Ferrari).
Ултралуксузната британска марка во рамките на групацијата „Фолксваген“ (Volkswagen Group) сакаше да ja достигне вредноста што ја извлекува нејзиниот италијански конкурент од секое возило што го продава. Шефовите на „Бентли“ мораа да донесат одлука – дали да се обидат да ги достигнат нивоата на „Ферари“ со намалување на сложеноста во нивната производствена линија или да се фокусираат на персонализација како никогаш досега.