text size
Откако до неодамна беше водечки промотор на вештачката интелигенција (ВИ), Џенсен Хуанг сега е главно лице на мем-трендот за кој се користи истата технологија.
Креаторите на онлајн-содржини ја искористија скандалозната недела на поранешниот извршен директор на „Енвидија“, објавувајќи стотици мемиња генерирани со вештачка интелигенција, кои ги исмеваат неговите вонбрачни афери.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Можат ли берзите во регионот да ги заштитат инвеститорите од падот на американскиот пазар?
Инвеститорите покажаа во претходните денови колку брзо може да се промени расположението. Високите вреднувања на технолошките компании и очекуваните приноси од инвестициите во вештачка интелигенција повторно се под знак прашалник, додека политичката ситуација по среднорочните избори во САД дополнително го поставува прашањето колку евентуалната корекција во САД би можела да се прелее на остатокот од светот.
Во таква средина, инвеститорите кои сакаат да ја намалат својата зависност од американските технолошки компании можат да ги земат предвид и пазарите кои не се директно поврзани со развојот на вештачката интелигенција, меѓу кои се и берзите во регионот Адрија.
Но, дали помалата изложеност на американските технолошки гиганти навистина може да го заштити капиталот за време на глобалните падови, или инвеститорите со пренасочување на парите на регионалните берзи заменуваат еден ризик со друг?
Како „Македонија-импорт“ ги празни паричниците?
Македонските граѓани треба да се молат да завршат војните на Блискиот Исток и меѓу Русија и Украина бидејќи во спротивно им се заканува енергетска криза која ќе поттикне нов инфлаторен бран во 2027 година. Овие геополитички превирања годинава предизвикаа значителен раст на цените на храната, струјата и нафтата за кои Македонија е зависна од увоз.
Покачените цени директно или индиректно влијаат врз стапката на инфлација во земјава, а ад хок мерките како што се актуелните владини мерки за ублажување на нафтениот шок преку намалување на акцизите и ДДВ-то за нафтените деривати, како и ограничувањето на растот на цените на прехранбените производи во малопродажбата што беше применувано во неколку наврати можат само делумно да помогнат на краток рок.
Постепениот пад на криптовалутите ги исцрпува трговците и ги остава без надеж
Најновиот пад на биткоинот ја става на тест решителноста на некои од најпосветените инвеститори на пазарот на криптовалути, додека низа неповолни настани ги турка цените кон најниските нивоа годинава, а главните извори на побарувачка слабеат.
Постепениот пад дополнително го засилува чувството на исцрпеност на пазарот, кој се соочува со сè подолг список пречки, од рекордниот хакерски напад врз Бајненс (Binance) и обновената политичка неизвесност по успехот на демократите на изборите во САД, до растот на приносите на американските државни обврзници и зајакнувањето на доларот. Истовремено, процутот на вештачката интелигенција и претстојното ИПО на „Антропик“ (Anthropic) се натпреваруваат за парите и вниманието што претходно беа насочени кон дигиталните средства.
„Краткорочната насока на движење во голема мера ќе зависи од тоа дали институционалната побарувачка ќе се стабилизира и дали макроекономските услови ќе овозможат закрепнување на склоноста кон ризик“, изјави Ајеша Кијани, главна оперативна директорка на компанијата МАМ (Monarq Asset Management). „Дотогаш, закрепнувањата на цените веројатно ќе останат кревки, а нестабилноста ќе биде зголемена.“
Кинеските инвеститори исклучени од ИПО-то на „Антропик“
Институционалните инвеститори со седиште во континентална Кина и Хонг Конг се исклучени од иницијалната јавна понуда (ИПО) на акциите на компанијата „Антропик“, велат извори запознаени со ситуацијата. Ограничувањето покажува колку е чувствително прашањето за инвестирање во секторот што и Вашингтон и Пекинг го сметаат за стратешки.
Одредени заинтересирани инвеститори и понатаму бараат начин да поднесат налози за купување акции, но неколку банки или одбиле да ги прифатат тие налози или проценуваат дека е мала веројатноста на тие инвеститори да им бидат доделени акции, наведуваат изворите кои побарале да останат анонимни. Според некои од нив, ограничувањата делумно произлегуваат од американските прописи за меѓународна трговија со оружје (ИТАР), кои ја регулираат трговијата со производи наменети за одбраната.
Донбас во замена за членство во НАТО, можен ли е референдум во Украина?
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека американските мировни пратеници прашале дали Украина би била подготвена да се откаже од регионот Донбас, во источниот дел на земјата, во корист на Русија, во замена за членство во НАТО, што укажува на можна промена во преговарачката тактика на Вашингтон.
Зеленски изјави дека пакетот што го предложил Вашингтон вклучува конкретни безбедносни гаранции од НАТО и Европската Унија; силна украинска армија, што подразбира соодветен број војници, оружје и финансиска поддршка во точно определен временски период; како и план за обнова, поддржан со финансирање од јасно утврдени извори.
„Доколку американската страна ни го потврди токму ова, заедно со другите партнери од НАТО, тогаш ќе го прашам украинското општество што мисли: дали го прифаќаме или не?“, изјави Зеленски. „Немам право сам да ја донесам таа одлука.“