text size
Најголемиот хакерски напад во историјата на криптопазарот ја погоди криптоберзата „Бајненс“ (Binance), од која напаѓачите извлекле криптоактиви во вредност од околу 6,3 милијарди долари. Нападот предизвика сериозни безбедносни последици, привремено запирање на повлекувањето средства и нови прашања за сигурноста на платформите за тргување со дигитални валути.
Според првичните информации од истрагата на „Бајненс“, нападот можеби започнал преку компромитиран службен лаптоп на вработен во одделот за развој и одржувае (DevOps), преку кој напаѓачите добиле пристап до дел од внатрешните системи и успеале да извршат неовластени трансакции за повлекување средства. Сепак, подоцнежната истрага откри и дополнителни точки на компромитирање, што укажува дека станува збор за посложен напад.
Од „Бајненс“ соопштија дека досега немаат докази дека се компромитирани приватните клучеви на дигиталните паричници. Компанијата потврди дека околу три милијарди долари од украдените средства досега се замрзнати, во соработка со партнери од блокчејн-индустријата, додека најави дека сите загуби на корисниците ќе бидат покриени од Фондот за безбедност на корисничките средства (SAFU) и сопствени средства.
Иван Ивановски, експерт за пазарот на капитал, посочува дека начинот на кој бил извршен нападот врз „Бајненс“ отвора сериозни прашања за безбедноста дури и на најголемите платформи.
Иван Ивановски
Приватна архива
„Нападот врз ’Бајненс’ е најголемата кражба на криптовалути досега. Според досегашните информации, напаѓачите пристапиле до системот преку компромитиран службен лаптоп на вработен, што покажува дека и најголемите платформи се ранливи на човечка грешка“, вели Ивановски.
Тој посебно предупредува на можноста измамниците да го искористат периодот на неизвесност и зголемен интерес кај корисниците, особено кога повторно ќе биде овозможено повлекувањето на средствата од платформата.
„Покрај самиот напад, сметам дека за граѓаните на Македонија во моментов особено внимание бараат можните измами што би можеле да следуваат. Кога ’Бајненс’ повторно ќе ги овозможи повлекувањата, ќе има голем притисок и несигурност. Тоа е моментот кога измамниците испраќаат лажни е-пораки и линкови дека платформата е повторно достапна или дека средствата треба веднаш да се префрлат“, предупредува експертот.
Според него, граѓаните треба да бидат особено внимателни со пораките што ќе ги добиваат преку електронска пошта, СМС-пораки и социјалните мрежи, бидејќи измамниците може да се претставуваат како претставници на „Бајненс“ или како служби за корисничка поддршка.
Ивановски советува корисниците никогаш да не пристапуваат до платформата преку линкови добиени во пораки, туку директно да ја внесуваат нејзината адреса во интернет-прелистувачот. Дополнително, потребно е внимателно да ја проверуваат веб-адресата, бидејќи лажните страници често користат адреси што речиси не се разликуваат од оригиналните.
„Ако некој ве притиска да дејствувате итно, тоа е знак за измама“, нагласува тој.
Покрај непосредните безбедносни ризици, експертот укажува и на пошироката разлика меѓу инвестирањето во криптовалути и вложувањето во регулирани финансиски инструменти, особено кога станува збор за степенот на заштита на средствата и надзорот над пазарот.
Според Ивановски, важно е граѓаните да разберат дека криптовалутите и регулираните хартии од вредност не функционираат според исти правила и не нудат исто ниво на институционална заштита.
„Важно е граѓаните да ја разберат и разликата помеѓу криптовалутите и регулираните хартии од вредност. Акциите се евидентираат во Централниот депозитар за хартии од вредност, а имотот на инвестициските фондови се чува кај депозитарна банка, под надзор на регулаторот. Пазарот на криптовалути нема таков степен на регулација и заштита. Тоа не значи дека едното е без ризик, туку дека станува збор за суштински различни производи, со различни правила“, објаснува тој
Во меѓувреме, аналитичките компании за блокчејн-трансакции ТРМ (TRM Labs) и „Чејнализис“ (Chainalysis) посочуваат дека постојат индиции оти зад нападот стои севернокорејската хакерска група ТТ (TraderTraitor), која претходно беше поврзувана со големи кражби на криптовалути. Сепак, „Бајненс“ засега не го потврди идентитетот на напаѓачите и соработува со надлежните институции во истрагата.