text size
Севернокорејската група обвинета за најголемата кражба на криптовалути во историјата е колектив од елитни хакери спонзориран од државата, кои уште од најрана возраст се обучуваат да ловат „голем плен“. Вештачката интелигенција сега им обезбеди нова моќна алатка за зголемување на богатството на Ким Џонг Ун и финансирање на воената експанзија на земјата.
Северна Кореја, која поседува нуклеарно оружје, одржува хакерска армија составена од илјадници членови, но најелитната единица, позната како „Трејдертрејтор“ (TraderTraitor), која ФБИ ја обвинува за неодамнешниот хакерски напад врз „Бајненс“, во кој беа украдени 6,3 милијарди долари, можеби има само десетина члена, велат експертите.
За разлика од обичните хакери што ги целат на индивидуалните инвеститори, групата „Трејдертрејтор“ користи стратегија позната како „лов на голем плен“ (Big Game Hunting), со помош на вештачка интелигенција за пронаоѓање криптокомпании со висока вредност, во кои може да се изврши упад, велат експертите за сајбер-безбедност. Тие постигнале толку извонредни успеси што приходите што ги генерираат би можеле да финансираат речиси половина од забранетите севернокорејски програми за оружје.
Прочитај повеќе
По хакерскиот напад, „Бајненс“ постепено ќе ги враќа услугите за корисниците
„Бајненс“ најави дека ќе ги обновува повлекувањата на средства по фази во недела, два дена откако хакери се обидоа да извлечат повеќе од 6 милијарди долари од криптоберзата во најголемата сајбер кражба забележана досега.
01.11.2026
Хакери ја нападнаа најголемата криптоберза: Што треба да знаат македонските корисници?
Зошто претстои нов бран на измами, како да ги заштитите вашите средства и на што особено да внимавате?
30.10.2026
„Оваа конкретна група бара голем плен“, изјави Парк Сеонг-су, главен истражувач на закани во компанијата за сајбер-безбедност „Зи скелер“ (Zscaler). „Тие целат на компаниите поврзани со криптовалути, ја проучуваат нивната инфраструктура, а потоа вршат манипулации со неа - или со процесите за трансфер на средства - за да извршат кражба од големи размери“.
Bloomberg
Со новите алатки за вештачка интелигенција, „пречките за стекнување на таквите вештини значително се намалија, додека брзината со која може да се спроведат овие операции е драстично зголемена“, додаде Парк.
Со децении Северна Кореја ги избира своите најдобри и најталентирани ученици за да им се приклучат на нејзините хакерски тимови, обучувајќи ги во специјализирани институции, како што е колеџот „Моранбонг“ во Пјонгјанг, велат пребеганите Севернокорејци и експертите. Целта е создавање армија за која, според податоците на „Чејнализис“ (Chainalysis), се верува дека е одговорна за 89 отсто од пријавените загуби од хакерски напади врз криптовалути оваа година.
Од управување со фарми на лаптопи во САД до кражба на милијарди долари во криптовалути за помалку од 30 минути, севернокорејските хакери станаа еден од најважните извори на приходи за Северна Кореја, која е изолирана од глобалниот финансиски систем поради големиот број санкции воведени поради нуклеарната и балистичката ракетна програма на Ким.
Другите извори на приходи на Северна Кореја, како што е трговијата со Кина, па дури и воената соработка со Русија, сега се засенети по значење од парите добиени од криптовалути. Некогаш Пјонгјанг шверцуваше цигари и фалсификуваше американски долари за да опстане - сега неговите хакери остваруваат милијарди долари чиста добивка од само еден успешен грабеж.
А ситуацијата би можела да стане уште полоша, благодарение на вештачката интелигенција.
Depositphotos
Новите техники што ги користи „Трејдертрејтор“ укажуваат на тоа дека групата во голема мера ја користела вештачката интелигенција во своите неодамнешни хакерски напади, изјави Ник Карлсен, виш истражител во ТРМ (TRM Labs). Тие сигурно поставуваат нови рекорди во остварувањето приходи: нивниот претходен најголем хакерски напад беше грабежот на „Бајбит“ (Bybit) во 2025 година, кога беа украдени 1,5 милијарда долари.
Криптоберзите ја зајакнуваат безбедноста, особено за вработените што имаат пристап до клучни системи, за да се заштитат од начинот на дејствување на „Трејдертрејтор“: комбинирање врвни хакерски вештини со социјален инженеринг. Познато е дека тие идентификуваат вработени со висок степен на пристап до целните системи и агресивно ги „бомбардираат“ со понуди, како што се примамливи работни места, изјави Карлсен.
„Нивно главно оружје е човечкиот фактор“, рече тој.
„Бајненс“ соопшти дека првичната истрага открила дека компромитиран лаптоп на еден инженер бил точката преку која бил извршен упадот. За само 20 минути хакерите украле криптовалути во вредност од 6,36 милијарди долари, што е речиси 20 отсто од проценетото годишно економско производство на Северна Кореја. Со оглед на тоа што по нападот биле замрзнати околу 2,8 милијарди долари, нето-одливот изнесува 3,6 милијарди долари.
„За режимот на Ким Џонг Ун, хакирањето криптовалути еволуираше надвор од обично криминално средство за надоместување на недостигот од странска валута“, изјави Лим Ел-чул, професор на Институтот за студии на Далечниот Исток при Универзитетот „Кјунгнам“.
Додека САД посветуваат значителни ресурси на конфликтите на Блискиот Исток и на напорите за спротивставување на Кина и Русија, нивниот капацитет за активно ангажирање на Корејскиот Полуостров е намален, велат набљудувачи што внимателно ја следат Северна Кореја.
„Северна Кореја го искористува овој период како златна можност за забрзување на развојот на своите воени капацитети“, изјави Лим.
Во 2024 година експерти на Обединетите нации соопштија дека севернокорејските сајбер-кражби и незаконските финансиски активности би можеле да финансираат околу 40 отсто од нејзините програми за оружје за масовно уништување. Секој успешен грабеж на криптовалути дополнително ја зголемува способноста на Ким да ја проширува својата армија и да ѝ се заканува на Јужна Кореја, сојузник на САД, како и на 28.500 американски војници стационирани на Корејскиот Полуостров.
Нуклеарното оружје и балистичките ракети отсекогаш биле главни приоритети на режимот и неговите финансиски средства, „но сега се чини дека има доволно пари за поддршка и на конвенционалните сили, вклучително и за нови поморски пловила и инвестиции во технологија за беспилотни летала“, изјави Адам Фарар, поранешен директор во Советот за национална безбедност на САД, задолжен за прашањата поврзани со Кореја за време на администрациите на Трамп и Бајден.
Северна Кореја можеби сè уште заостанува со децении зад јужнокорејската војска во многу аспекти, но можеби тоа нема да трае уште долго, изјави Фарар, кој сега е виш аналитичар во „Блумберг економикс“.