text size
Компанијата „Епл“ развива сопствен автономен агент за вештачка интелигенција, кој може да извршува задачи во име на корисниците, со цел да влезе на брзорастечкиот пазар на кој веќе се присутни „Опен еј-ај“, „Антропик“, „Мета“ и други компании.
Компанијата ги претстави плановите на нејзината веб-страница неделава. Во еден од огласите за вработување, „Епл“ соопшти дека бара висок раководител за инженерство за проактивен, агентски асистент со вештачка интелигенција. Системот ќе пишува програмски код, ќе пребарува на интернет, ќе управува со апликации и ќе се движи низ уредите во име на корисникот, се наведува во огласот.
Овој потег следува по огромниот успех на Мјуз на „Мета“, кој во последните месеци го привлече вниманието на потрошувачите со својата способност да резервира маси во ресторани, да организира патувања и да подготвува информативни прегледи на вести. Исто така, забележано е ширење на алатки што ѝ овозможуваат на вештачката интелигенција да управува со компјутерите мек и да програмира софтвер.
Прочитај повеќе
Новиот паметен часовник од „Епл“ е тест за законите за прислушување
„Епл“ тврди дека аудиото не се снима, но правниците предупредуваат: и без класична снимка, технологијата би можела да се смета за незаконско прислушување.
12.09.2026
Најголема промена во историјата на ајфоните: „Епл“ го претстави преклопливиот „дуо“
„Ајфон дуо“ носи 7,6-инчен екран и почетна цена од 1.999 долари. Најскапата верзија достигнува неверојатни 3.199 долари.
10.09.2026
Новиот уред на „Опен еј-ај“ ќе биде со големина на хокеарски пак и ќе чини над 300 долари
Уредот ќе биде позициониран како компјутер со вештачка интелигенција.
07.08.2026
„Епл“ започнува голема офанзива на пазарот на паметни домови
„Епл“, по години заостанување зад конкурентите на пазарот за паметни домови, подготвува значително проширување на своето присуство во овој сегмент преку нови уреди и софтвер.
28.07.2026
Акциите на „Мета“ и „Антропик“ забележаа пад во доцното тргување, откако „Блумберг њуз“ извести за напорите на „Епл“. „Мета“ падна за речиси 2 отсто, додека „Антропик“ забележа пад од повеќе од 3 отсто.
„Антропик“ неодамна го прошири тестирањето на сопствениот агент, наречен Дует, додека „Опен еј-ај“ ги прошири можностите на Дотс. Во меѓувреме, „Гугл“ на „Алфабет“ го реконструираше својот агент, кој сега се нарекува Таскс, претходно оваа недела. Како и Грок Бот на Илон Маск, Таскс му овозможува на системот да остварува телефонски повици во име на корисникот - покрај вообичаените функции на агентите за вештачка интелигенција.
Во продавницата за апликации на „Епл“ доминираат агентите за вештачка интелигенција, при што Мјуз долго време ја зазема втората позиција меѓу бесплатните апликации, веднаш зад Тикток, заклучно со четвртокот. ЧетГПТ на „Опен еј-ај“ и Клод на „Антропик“ исто така беа меѓу првите пет.
„Опен еј-ај“, „Антропик“ и „Спејс екс ес-ај“ на Маск стојат и зад популарните алатки за програмирање наменети за развивачите: Кодекс, Клод Код и Курсор.
Апликацијата Мјуз на „Мета“ работи како агент на ајфон дуо
Bloomberg
„Блумберг њуз“ претходно месецов објави дека „Епл“ развива сопствена понуда на агент за вештачка интелигенција, но новите огласи за вработување нудат дополнителни докази за плановите на компанијата. „Епл“ размислува да ја претстави услугата најрано до крајот на следната година, но развојот сè уште е во рана фаза. Портпаролот на „Епл“ не одговори на барањето за коментар.
„Замислете агент за вештачка интелигенција што може да користи компјутер на ист начин како што тоа го прави човек“, се наведува во огласот за вработување. „Тој пребарува на интернет, работи со различни апликации, извршува команди, пишува и отстранува грешки во програмскиот код и повикува услуги, а за секој чекор ја избира соодветната алатка. Сето ова го прави приватно и со префинетост што луѓето ја очекуваат од „Епл“.“
Во огласот се наведува дека компанијата има тим кој ја гради „основата за таа иднина“ и дека „Епл“ бара раководител кој ќе „ја претвори во реалност“. Џон Тернус, новиот извршен директор на технолошкиот гигант, го притиска раководителот на одделот за софтверски инженеринг, Крег Федериги, да работи побрзо и да усвои одлучен пристап кон вештачката интелигенција - при што агентот е клучен дел од тие напори.
„Луѓето веќе ги извршуваат своите најзначајни работи со непречено преминување меѓу различни алатки: интернет-прелистувач, документ, терминал, уредувач, услуга. Ние развиваме агенти за вештачка интелигенција што можат да го прават истото“, се наведува во огласот. Во него се додава дека „Епл“ работи на агенти што можат „да планираат и да извршуваат задачи во повеќе чекори“ низ апликации, интернет-прелистувачи, командни линии, програмски код и интерфејси за програмирање на апликации, како и да „координираат специјализирани подагенти во текот на процесот“.
Компанијата навестува дека платформата ќе има можност автономно да се движи низ интерфејсите на нејзините оперативни системи. Во огласот конкретно се споменува развој на „агенти за општа намена што користат компјутери“, технологија што им овозможува на ЧетГПТ и Мјуз да управуваат со компјутерите мек. Џемини на „Гугл“ додаде таква функционалност претходно во четвртокот.
Друга централна компонента е приватноста, при што „Епл“ наведува дека безбедноста мора да биде вградена во дизајнот на системот. „Агентите што можат да пишуваат програмски код, да користат податоци за пристап и да дејствуваат во име на корисникот имаат потреба од силни модели на дозволи, изолирани средини и транспарентност.“
Изолирањето во посебна средина (англ. sandboxing) се однесува на процес што им овозможува на инженерите да тестираат софтвер без ризик тој да се прошири надвор од предвидените граници кон надворешни мрежи, остатокот од оперативниот систем или поширокиот интернет.
Додека ја развива сопствената агентска технологија, „Епл“ истовремено им го отежнува пристапот на конкурентските ботови до широка контрола врз нејзините компјутери. Во бета-верзијата на претстојниот оперативен систем „мек ОС 27.3“, компанијата воведе нови предупредувања што ги поттикнуваат корисниците повторно да размислат пред да им дадат дозвола на агенти од трети страни да управуваат со нивните мек компјутери.
Со промената во верзијата 27.3, корисниците на ЧетГПТ сега треба да поминат низ 14 одделни чекори за да овозможат поддршка за алатки од трети страни што управуваат со компјутерот, во споредба со претходните четири. Иако „Епл“ ја претстави промената како потег за заштита на корисниците, некои компании за вештачка интелигенција и корисници ја гледаат како обид за забавување на конкуренцијата.
„Епл“ веќе е тужен од Министерството за правда на САД за постапки како што е блокирањето на пристапот на трети страни до одредени функции и хардвер.
Иако „Епл“ сè уште е далеку од претставување сопствен целосно развиен агент за вештачка интелигенција, компанијата презеде чекори за подлабока интеграција на својот дигитален асистент Сири во апликации од трети страни. Претстојното издание на „ај ОС 27.3“ ги поставува темелите за подлабока соработка меѓу Сири и надворешните апликации, овозможувајќи му на асистентот, на пример, да резервира автомобил или маса во ресторан.
Сепак, ажурираниот систем не оди толку далеку како целосно развиен агент, кој може автономно да извршува сложени задачи низ повеќе апликации и услуги во заднина, со минимални дополнителни инструкции од корисникот.